Синоќа заврши Европското првенство во фудбал, а во финалето Италија ја совлада Англија на пенали и ја освои титулата.
Социјалните мрежи се полни со статуси и коментари на натпреварите кои се одиграа изминатиот месец, особено ВАР технологијата, која се чини дека засекогаш ја менува омилената игра.
Токму на оваа тема, на својот профил на социјалните мрежи, проговори и актерот Сашо Тасевски:
„Англија никогаш немала побезлична селекција од оваа. Без карактер. Вез шармантен водач на теренот и класа фудбалер. Без други слични на него асови, како што имала порано. Од Џерард, Бекам, Сколс, Овен, Гаскоњ, Линекер, Шилтон, пред нив, Чарлтон и Џорџ Бест…
Кои се овие бе? Збирштина на анемични играчи, кои да не играа дома, немаше ни во втор круг да поминат.
Останува впечатокот дека фудбалот го изгуби шармот, за разлика од оној пред 30, 40 години… и клупскиот и репрезентативниот.
Станува спектакл, циркус, со варови, хокеарски измени, колички на далечинско што ја носат топката на судијата, со натурализирани странци во националните тимови кои го менуваат менталитетот на тие селекции кој дотогаш бил успешен и им давал карактер на непобедливост, упорност…
Ќе му прдне некој некому во лице во шеснаесетникот, се суди пенал. Имаш дваесет судии, да нема грешки, ама нема игра. Те чекаат прво да дадеш гол па ти судат офсајд, колку да патиш повеќе….
Имаш примадони на терен кои се богати како нафтени олигарси и публика која има пари да плати супер скапи билети да гледа. фудбал. Тоа не е веќе игра на сиромашните обични луѓе.
Тие гледаат од дома. Ако воопшто гледаат. Тоа лигата на шампиони стана Клуб на десетина богаташи кои секоја сезона си играат меѓусебе, на кој му е поголем.
И фудбалот не е веќе најважната споредна работа на светот. Туку најважната за оние кои од него стануваат милијардери.
Ова веќе нема врска од фудбал. И знам зошто се помалку го гледам. Ете зошто.“