Боцевски: Кога бев дете, со мајка ми одевме по селата околу Сарај – јас служев за пример при објаснувањето на имунизацијата

0

Поранешниот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски, во статус на социјалните мрежи, пред извесен период, го кажа својот став околу имунизацијата и како што нагласи, преку пример од минатото, сака да придонесе во развивање на свеста кај граѓаните:

„Вакцините се безбедни и спасуваат животи! Јас, мојата сопруга и мојата ќерка сме ги примиле сите задолжителни, опциони и препорачани вакцини, како од македонскиот здравствен систем, така и од СЗО, вклучително и оние малку поегзотичните вакцини за тропските краишта (секогаш во предвидениот период за вакцини), а секоја година ја примаме и вакцината против сезонскиот грип.

Без никаков проблем и без никаков сомнеж ќе се вакцинираме и против коронавирусот Covid-19, кога конечно вакцината ќе биде достапна за сите македонски граѓани. Со оваа чудна анти-кампања и анти-ваксерство јас се судирам по вторпат во животот.

Првиот пат беше некаде кон крајот на 1980-тите години кога помеѓу албанското население во Македонија се ширеа теории на заговор и гласини дека вакцините се штетни и дека вакцините претставуваат обид на тогашните југословенски власти за стерилизација на албанските девојчиња и момчиња (прилично гнасен обид беше тоа за ширење меѓуетничка нетрпеливост и ом-раза).

Мајка ми, Спасенија Јовановиќ, лекар – специјалист за школска медицина, заедно со нејзината колешка Милица Константиновиќ, лекар – специјалист за педијатрија, во тоа време добија задача од Здравствениот дом во Скопје да појдат во кампања по селата во тогашната општина Карпош, сега Сарај, за предностите од редовната вакцинацијата и, општо, за сите останати теми од здравствената заштита.

Јас ја придружував мајка ми, заедно со целата моја здравствена документација за примените вакцини, како жив доказ дека вакцинацијата е корисна за здравјето (штом докторката си го вакцинира детето, тогаш тоа е безбедно за сите деца … претпоставувам дека таква беше некако логиката на мајка ми).

Иако тогаш детенце од десетина годинки, добро се сеќавам за набиената напнатост, па дури и отвореното непријателство на почетокот на сите овие состаноци, но и за триумфалниот крај на сите овие средби кога двете докторки полека, јасно и разумно ги објаснуваа сите аспекти на вакцинацијата и се пресметуваа со сите изнесени ставови, дилеми и прашања од присутните (омилен момент ми беше кога мајка ми и нејзината колешка објаснуваа дека вакцината е далеку подобра заштита од магарешката кашлица, споредена со традиционалниот народен лек детето да биде задоено со млеко од магарица).

Ме изненадуваше тоа што често најлути и најраспенети провокатори беа некакви квази-интелектуалци кои што зло-бата ја сокриваа зад своите академски титули (денеска, за жал, вакви ликови кои што се во потрага по своите “пет минути слава” постојат и во медицинската професија).

Но, професионалноста, добрите намери и човечкиот збор беа доволни и во тоа време да се надмине етничкиот јаз, недовербата и стравот од непознатото. Притоа, морам да потцртам дека двете докторки немаа никаков материјал за кампањи, летоци, постери, брендирани ќеси со промотивен материјал, брендирани пенкала или УСБ уреди, а и кампањата не ја тераа со службени возила, туку со нашето југо и со стоеденот на другата докторка.

Сепак, тие беа добро воо-ружени со своето знаење, професионалност и добра волја, како и со бескрајната почит кон секој присутен граѓанин. Впрочем, се работеше за здравјето на сопствените деца.

Секако, помагаше и тоа што и двете докторки беа познати во средината како вработени во диспанзерот “Ѓорче Петров II” при Здравствениот дом, а голем дел од присутните на средбите ги лечеа своите деца во оваа медицинска установа.

Добро се сеќавам колку беа горди лекарите од диспанзерот “Ѓорче Петров II” заради успехот на овие трибини и продлабочената доверба помеѓу здравствените работници и месното население, но и високиот број на имунизирани дечиња (јас, пак, бев задоволен од чинијата прекрасни скопски цреши и јагоди кои што ги добивав од присутните граѓани при самите средби).

Нејсе, јас не знам од каде доаѓа сегашната анти-ваксерска кампања. Целиот мој живот овие гледишта сум ги отфрлал како безделничење на кафеански неработници и на лу-даци кои што бараат “пет минути слава”, па воопшто не сум обрнувал внимание на таквите будалаштини.

Секако, можев и можам да ја разберам сомничавоста во руралните средините и во недоволно развиените краишта кои што тукушто фаќаат приклучок кон современиот свет. За луѓето во овие заедници процесот на отфрлање на вековните навики, традиции и обичаи е мошне тежок, како и целото соочување со современиот начин на живот.

Но, јас никогаш нема да ја разберам и уште помалку може да ја оправдам оваа штетна малограѓанштина во развиениот дел од светот во 21-иот век. Анти-вакс-ерството не е само штетно, туку е и см-рт оносно.

Од почетокот на пандемијата, предизвикана од корон авирусот, медицинската наука влезе во најж-естоката борба за производство на вакцина и притоа не се штедеа средства од државите, а и не се остави ниту една насока на истражувањето за вакцини ингорнирана, неиспитана и нефинансирана.

Медицинската наука, по само година дена од појавата на коронавирусот, му даде на човештвото најефикасно ор-ужје против најсовремената чума, во облик на вакцината.

Јас имам целосно доверба во глобалната медицинска наука и во достапните вакцини од повеќе институти и компании, развиени од повеќе држави и одобрени од најсериозните здравствените власти.

Така што, вакцините се безбедни и спасуваат животи, а колку побрзо целото човештво се вакцинира, толку поскоро ќе ја обновиме нормалноста и ќе продолжиме со нашите животи … мислам тука на нашите вистинските животи, без постојано носење медицинска маска, на живи средби во нашите училници, канцеларии, кафеани, концертни сали и театри, на разминување на тротоарите со насмеани луѓе, на прослава на спортски успеси на плоштад, на ручек со нашите родители без страв дека смр-тоносно сме ги загрозиле со самата средба, со еден збор за убав човечки живот, кој што единствено е можен со постојан и непосреден контакт и општење со други луѓе.

Едвај чекам повторно да гледам насмеани човекови лица со кои што се разминувам по улиците, наместо призраци зад маски. И ми недостасува цврстото ракување и срдечната прегратка со блиските роднини и пријатели.

Но, сето тоа ќе биде можно единствено по вакцинацијата на целото човештво.

p.s. Со анти-ваксерите лесно може да се соочите … Замолете ги да ви посочат барем една студија, од барем еден реномиран глобален научник, усвоена од еден барем еден реномиран научен тим каде што се спори вакцинацијата и каде што се доведува под знак прашалник било која од одобрените вакцини против корон авирусот. Такво нешто никој од нив не е во состојба да прикаже затоа што такви студии воопшто не постојат.“

Претходна статијаЈелена Спенџарска го објави запросувањето (ФОТО)
Следна статијаСцени како од филмовите на Хичкок – Врани напаѓаат случајни минувачи, но имаат причини за тоа