На 7 април ќе се навршат точно две години откако засекогаш си замина познатата актерка Билјана Беличанец. Беличанец полицијата ја пронајде во нејзиниот стан тој ден, а МВР подоцна потврди дека самата решила да си замине од овој свет.
Беличанец е родена на на 25 јули во 1973 година во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности.
Истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработува во Драмскиот театар.
Има реализирано бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмскиот театар и други инстутуции.
Во 2009 ја доби наградата на фестивалот “Војдан Чернодрински” за главна женска улога во „Кинегонда во Карланенд“ а во 2012 за улогата во „Генетика на кучињата“. Позната беше и со синхронизација на турски серии.
Во периодот од 2013 до 2017 година ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.
Посебно забележана во јавноста е по синхронизацијата на македонски на некои турски серии, а народот и даде прекар „Хурем“, по синхронизацијата на ликот на Хурем Султан во турската серија „Величествениот“.
Многу колеги, пријатели и блиски беа во шок од нејзиниото заминување, и повеќето од познатите актери споделија убави спомени со познатата театарска и ТВ актерка.
„Се надевам дека сега си на подобро место. Се надевам дека таму нема да си изневерена од никого. Се надевам дека таму ќе си прегрната од љубов која овде ти недостигаше.
Толку многу даде, а уште колку многу остана..Тешко и за неверување маме. Ти благодарам за СЀ! Почи вај во мир Билјана Беличанец“, напиша тогаш Јелена Јованова.
„Билјана Беличанец. Ретка билка со раскошен талент за цветање. Можеше да даде уште многу цутови. И сакаше.
А нѐ напушти на најтрагичниот од сите можни начини. Како вистинска античка хероина. Вечна пролет за неа и за нејзиниот редок и убав цвет“, рече за својата колешка Васил Зафирчев.
-Мислите ми лутаат низ нашиот однос… Ми се укотвуваат во сликата како ја подготвуваш јамката… Биљано! “Ристич, дај, бе, ти знаеш англиски, песнава да ми ја напишеш…”
“Биљано, уште еднаш ли ме повлечеш така без осет, у публика ќе те фрлам…” “Нешто да ме дигне и нешто да ме спушти…” “Немам ни мајка, тетка ми ме роди…”
“Нема место за две мачки на кровот…” Хао с, ха ос… А да речеше: “Ристич, ај, ма, кафе да пиеме!” Уствари, ко ќе ми текне, ме бараше… Да! Боже! Да се видевме… зафатена беше… бев…
Можеби ќе врзев две паметни, може ќе ти ја залепев една, може… не знам, вака…
Еве ја, песнава… на англиски! Пеј… Биљано!“, напиша актерката Ирена Рисиќ за својата колешка.
Денеска Фејсбук страницата Македонска поезија и познатиот бизнисмен Трифун Костовски, ги споделија стиховите што за Билјана ги напиша Венко Андоновски. Пред тоа, Трифун напиша:
Мила Билјана, Со Тебе и твоето семејство години наназад споделуваме убави моменти. Ни недостасуваш со својот лик и енергија која ја ширеше меѓу своите пријатели. По чивај во мир!
Венко Андоновски со неговата поема посветена на тебе најдобро ја отсликува Твојата личност, а јас во целост ја пренесувам:
„Пловеше со нас на сплавот, на очајот, занесот и стравот, од кој секој ден по некој паѓа; во црниот вир, см рт-та кај се раѓа. Пловеше и ти на сплавот, камена, а стаклена и дребна.
На сплавот на гревот и срамот, полн ом раза, завист и пизма. Ти не пловиш веќе, но знаеме сите: ти не ум ре Бибе, ти само се лизна.“
Неодамна, на Беличанец се сети Драган Спасов- Дац. – Мојата омилена партнерка на сцената беше Билјана Беличанец. Безброј пати ми играла сопруга, љубовница, ќерка..
Можеше се да игра, беше бравурозна во секоја улога. Внимаваше на секој детал и дури некогаш знаеше да ме замара со непотребни ситници околу улогата но никогаш не ми беше здодевно со неа.
Другарчина во права смисла на зборот и исклучително храбра и пожртвувана за колегата и пријател. Ќе ви раскажам една случка со неа… Беше една пролет и јас бев со мојата кола кај Чешма во К. Вода, тогаш се сетив дека заборавив нешто дома и сакав да завртам полукружно.
Како почнав да вртам, (имаше камион кој ни ја попречи видливоста) десната рака ја ставив во внатрешниот дел од воланот и слушнав кочење и удар. Осетив голема болка во раката и веднаш излегов од колата.
Што да видам, Билјана беше возачот што ме удри дирекно во тркалото и воланот по инерција се заврте и ми ја искрши раката. Да се разбереме, јас бев крив во случајот.
Веднаш се собраа сеирџии а јас ја прашав каде тргнала, на проба во театар ми рече. Ме виде дека се виткам од болка но ѝ реков да оди и дека ќе се снајдам сам. Со лева рака возев до Градска каде ми ја ставија раката во гипс.
Колите беа со незначителна штета а јас паузирав од театарот некое време, после продолжив да играм со гипс на раката. А зафрканцијата за нас продолжи долго. “Кој знае кај сте биле вие двајца и како сте се удриле, од цело Скопје баш вие направивте судар” .
Билјана беше мојот Петар Пан, беше силна и полетна на сцената како никој од нашата бранша а всушност беше кревка како коќиче. Замина во Недојдија. Многу ми фали“, напиша Дац.
Новинарката, автор и активистка Ана Јовковска во 2019 година објави дел од нејзиното интервју со Билјана Беличанец, кое е направено во 2010 година, во емисијата „Пулс“ на ТВ Алфа.
„Откако станав мајка инстинктот ми вели дека немам време за падови и за долготрајни екскурзии на дното. Прво нешто што не учеа на ФДУ е како да ги меморираме лошите работи, лошите емоции, тагата, болката, да ги запамтиме и некаде длабоко во нашето чекмеџе да ги складираме, за кога работиш некоја улога просто да си го отвориш чекмеџето и да си ги повикаш тие емоции. Затоа можеби неколкупати на несреќата и на тагата свесно сум им фрлала ракавици.
Јовковска во еден дел од интервјуто ја прашува: „Ве плаши ли крајот? “ „Не. Факултетот по глума многу ми помогна да се запознаам себе си. Моето верување е дека не треба да плачеме кога човекот си заминува, ами треба да го исплачеме кога ќе се роди“.
Фото: Јутјуб принтксрин, Фејсбук принтскрин