Се виткав од болка и со лева рака возев до Градска: Дац сподели спомен на Билјана Беличанец

0

На 7 април ќе се навршат точно две години откако засекогаш си замина познатата актерка Билјана Беличанец. Беличанец полицијата ја пронајде во нејзиниот стан тој ден, а МВР подоцна потврди дека самата решила да си замине од овој свет.

Беличанец е родена на на 25 јули во 1973 година во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности.

Истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработува во Драмскиот театар.

Има реализирано бројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти во Драмскиот театар и други инстутуции.

Во 2009 ја доби наградата на фестивалот “Војдан Чернодрински” за главна женска улога во „Кинегонда во Карланенд“ а во 2012 за улогата во „Генетика на кучињата“. Позната беше и со синхронизација на турски серии.

Многу колеги, пријатели и блиски беа во шок од нејзиниото заминување, и повеќето од познатите актери споделија убави спомени со познатата театарска и ТВ актерка.

Денеска, на неа се сети Драган Спасов- Дац, кој раскажа приказна за својата пријателка и колешка.

– Мојата омилена партнерка на сцената беше Билјана Беличанец. Безброј пати ми играла сопруга, љубовница, ќерка..

Можеше се да игра, беше бравурозна во секоја улога. Внимаваше на секој детал и дури некогаш знаеше да ме замара со непотребни ситници околу улогата но никогаш не ми беше здодевно со неа.

Другарчина во права смисла на зборот и исклучително храбра и пожртвувана за колегата и пријател.

Ќе ви раскажам една случка со неа…

Беше една пролет и јас бев со мојата кола кај Чешма во К. Вода, тогаш се сетив дека заборавив нешто дома и сакав да завртам полукружно.

Како почнав да вртам, (имаше камион кој ни ја попречи видливоста) десната рака ја ставив во внатрешниот дел од воланот и слушнав кочење и удар. Осетив голема болка во раката и веднаш излегов од колата.

Што да видам, Билјана беше возачот што ме удри дирекно во тркалото и воланот по инерција се заврте и ми ја искрши раката. Да се разбереме, јас бев крив во случајот.

Веднаш се собраа сеирџии а јас ја прашав каде тргнала, на проба во театар ми рече. Ме виде дека се виткам од болка но ѝ реков да оди и дека ќе се снајдам сам. Со лева рака возев до Градска каде ми ја ставија раката во гипс.

Колите беа со незначителна штета а јас паузирав од театарот некое време, после продолжив да играм со гипс на раката.

А зафрканцијата за нас продолжи долго. “Кој знае кај сте биле вие двајца и како сте се удриле, од цело Скопје баш вие направивте судар” .

Билјана беше мојот Петар Пан, беше силна и полетна на сцената како никој од нашата бранша а всушност беше кревка како коќиче. Замина во Недојдија.
Многу ми фали“, напиша Дац.

Фото: Фејсбук принтскрин, Јутјуб принтскрин

Претходна статијаСопругата Љупка ги сподели моментите со Дуле: Некогаш сè, сега спомени
Следна статијаМакедонка од Германија: Ниту во сон не помислував дека ова ќе ми го направи маж ми