Писателката и уметник Марија Лозаноска, која е инаку сестра на пејачот Влатко Лозаноски- Лозано напиша статус кој беше најсподелуван и преведуван на повеќе јазици.
Ова е вредна поука за сите нас во ова тешко време на пандемијата.
Лозаноска на Фејсбук се присети на статусот кој го напишала минатата година, и се уште може да се смета за актуелен, како да е напишан сега:
-Една година од најпознатиот статус во Македонија и подалеку. Статус кој беше преведуван на неколку јазици и којзнае каде стигна по светот.
Беше објавуван по портали, беше споделуван од скоро сите, беше препишуван без автор, го имаше на најпознатите страници…
И? Што научивме по една година? Според напишаното, јас уште оттогаш сум ја видела целосната слика. Многу од нас видоа колку Земјата е зелена затоа што долго време природата беше таа која нè спасуваше и ќе нè спаси.
Барем одморивме од материјалните фалби. Имаме уште многу што да учиме. Земјата допрва ќе се реновира“, рече Марија и го сподели минатогодишниот статус.
-Вонредна состојба во Македонија. Еден месец. Без грижа. Ќе објаснам…
Ја чувствувам негативната енергија насекаде, посебно низ празните улици на Скопје и затворените локали/продавници. Не дека е погрешно, туку не сум го видела такво. Со штама.
Метропола не ја личи таква. И не е тоа негативната енергија од празните улици, туку од паниката на затворените луѓе. Премногу страв на едно место дури и преку затворени врати.
Драги мои, доаѓа новото време, да останеме мирни. Ќе се навикнеме и на ова, ќе помине. Треба сега повеќе од кога и да е да бидеме посвесни, попаметни, поодлучни. Ова е време кога човекот учи лекција.
Знаете кое време доаѓа? Тоа поубавото. Секогаш треба да е полошо пред да биде подобро. Не можам да замислам тогаш колкава убавина ќе биде!
Моравме да успориме. Се тркавме со времето и со луѓето. Кој каде отпатувал. Кој колку потрошил. Кој каде бил.
Сега сме сите исто. Затворени, исплашени за здравјето и иднината. Нема каде да се трошат парите. Нема повеќе слики по социјалните мрежи кој каде сме биле. Ќе чепкаме само по спомени. Одморете. Од луксуз, фалба, алчност.
Ова ќе нè врати многу векови наназад. Кога ретко патувале, кога многу не имале.
Само еден со друг.
Без грижа, драги мои. Знаете што ќе се случи кога ќе излеземе надвор? Поголемо почитување! Тревата ќе биде позелена, воздухот почист, реките побистри, дивите животни повесели. Ние повеќе ќе се цениме. Затоа што не знаевме што имаме.
За жал или за среќа гледам дека и политичарите се сложни. Исплашени се. Сите. Јас сум човек што не верува во заговори, гледам луѓето колку се здрави, живи, ментално способни, среќни. Таа слика ми покажува многу повеќе.
Како уметник и писател, секогаш ја гледам уметноста во страдањето. Секогаш си велам што добро може да се извлече од ова. На Земјата и’ требаше мир, а ние да видиме до каде сме со животот.
Секогаш немавме време да видиме што сме направиле од нашите животи. Сега имаме и ќе излеземе многу посилни.
Драги мои, Универзумот нè подготвува за подоброто време, затоа и почна новата декада. Премногу си наштетивме и премногу на околината и’ наштетивме. Ќе помине и ова.
А, ќе испливаат од ова и ќе нè водат токму најсилните. Без паника, драги мои. После ова сонцето потопло ќе нè грее. Парите се заработуваат.
Само тишината не се купува. Останете дома. Планетата Земја се реновира“, е статусот на Лозаноска кој многу се споделуваше, а го напиша пред една година.
Фото: Фејсук и Инстаграм принтскрин