Нашиот познат фудбалер и поранешен репрезентативец на Македонија Игор Кралевски, во исповед за Галама, упати пораки до јавноста во врска со бизнисменот и добротвор, Трифун Костовски.
-Кога преминав од ФК Македонија ГП во Работнички Кометал, имав голема среќа да запознаам еден прекрасен човек, Трифун Костовски.
Во тоа време, кога Господин Трифун Костовски бесе сопственик и спонзор на Работнички, клубот беше најорганизиран фудбалски колектив во Македонија.
Јас како фудбалер ги имав сите услови да се чувствувам како прав и вистински професионалец, како што доликува на еден спортист.
Секогаш сè беше подмирено на време и професионално од страна на клубот, односно од спонзорот, Трифун Костовски. Работнички Кометал во тоа време беше Реал Мадрид во Македонија.
Сите фудбалери посакуваа да бидат во Работнички поради организираноста на клубот, квалитетот и навременото подмирување на обврските.
Поминав најубави 3 години во Работнички Кометал, за мене незаборавни. Три години со целата фамилија Костовски бевме како една фамилија, дишевме како еден и направивме најголеми успеси во историјата на клубот.
Успехот го постигнавме сите, на чело со Трифун Костовски и благодарение на тоа јас добив многу понуди од странски фудбалски клубови.
Но, во тој момент размислував, дали ако заминам, би успеал во кариерата или е подобро да останам бидејќи линијата меѓу успехот и неуспехот во оваа професија е многу тенка.
Имавме наторевари во Лигата на Шампиони, од кои најголем впечаток мене ми остави натореварот со Локомотив Москва од Русија. Веднаш после тој натпревар, добив понуда од Хрватскиот клуб, ФК Хајдук Сплит.
Првично, управата на мојот клуб ја одбила понудата од Хајдук. Во тој момент ние играчите со тренерот бевме на мини припреми во Охрид.
Се сеќавам како да е денес, цела екипа бевме на вечера во хотелот, кога ми зазвони телефонот и видов дека ме бара некој број од странство. Нашиот тогашен тренер, Ѓоре Јовановски, беше строг, па несмеевме додека вечераме да разговараме на телефон, но излегов во ходникот и се јавив.
На телефон беше Игор Штимац, директор на ФК Хајдук! Тој ми рече дека е заедно со тренерот, големиот Чиро Блажевиќ и ми кажа дека мојот клуб Работнички ја одбил понудата на Хајдук, но дека сакаат да бидам дел од редовите Хајдук.
Откако дознале кој е сопственик на Работнички, ме бараат мене, доколку имам желба да играм за Хајдук, да разговарам со Трифун и да го замолам да ме пушти да направам трансфер во ФК Хајдук.
Во моментот бев возбуден, среќен, ми се измешаа емоциите, но мојата цел од дете е да успеам во кариерата и секако тоа значеше интернационална кариера, па ништо друго не ми преостана туку само да се јавам директно на Трифун Костовски.
Му се јавив веднаш на Трифун и ми затрепери гласот кога требаше да почнам со разговорот и да му кажам.
Трифун беше радосен кога ме слушна на телефон и можеби малку се изненади дека беше доцна вечер, а ние бевме во Охрид.
Му кажав дека е сè во ред, но дека се јавувам во врска со Хајдук, дека ми се јави директорот Штимац и дека има желба да ме види во Хајдук.
Трифун извика радосно и гордо како на свое дете. Трифун ми кажа најубави зборови, за мене и мојата пожртвуваност за клубот и играта, и дека кога зборуваме за ФК Работнички, тоа сум јас и што би правеле тие без мене.
На сите тие убави зборови јас само кажав дека би сакал интернационална кариера и дека сум сигурен дека ќе успеам, дека ке биде остварување на мојот сон, а тој внимателно ме слушаше и само ме праша:
-Дете мое, дали ако ти отидеш во Хајдук ќе бидеш среќен?
Јас му одговорив: – Да, да , мојот сон секогаш биле клубовите Хајдук и Црвена звезда и доколку ме пуштите, пресреќен би бил и никогаш оваа добрина нема да ја заборавам.
Трифун е толку чесна душа, што тогаш иако му требав во Работнички, поважна му беше мојата среќа и само ми рече:
-Со среќа нека ти е дете мое!
Тргнувај веднаш за Скопје, јас ќе средам одма за авионска карта да те чека на аеродром, ти само земи пасош од дома и карта ќе те чека на аеродром.
Му се заблагодарив од срце и веднаш вечерта тргнав за Скопје, а веќе во 06 часот утрото полетав за Загреб и кога пристигнав во Сплит околу пладне, ме пречекаа луѓе од клубот и се видов со Игор Штимац и Чиро Блажевиќ. Веднаш почнав да им раскажувам за Трифун, за каков голем човек се работи, со каква душа е тој.
Целата јавност знае дека Трифун е голем човек, а јас можам само да потврдам од моето лично искуство, дека тој е херој за мене и за многу спортисти кои лично ги познавам, и ќе остане главниот виновник што јас станав репрезантативец, но и за мојата интернационална фудбалска кариера. Трифун секогаш ќе биде мој втор татко.
Ден денес гордо раскажувам секаде и на секого за оваа моја убава приказна, што за мене значеше живот и кариера и се случи благодарение на Трифун.
Актуелните состојби кои ги следам преку социјалните мрежи, реакциите на јавноста и нападите врз Трифун како сопственик на банката која беше затворена за жал, ме натераа да го објавам моето животно искуство, а верувам и на други спортисти и соработници на Трифун, за да се потсетиме на огромните човечки квалитети на Трифун Костовски.
Тој е чесен човек, и оваа наша Македонија да имаше повеќе такви луѓе, оваа држава ке цветаше, ќе имаше слога и ќе си верувавме еден на друг. Ќе живеевме сите како браќа!
Кога ке се спомне Трифун, за мене значи гордост, сила и чесност, раскажа Игор Кралевски за Галама.
Инаку Игор Кралевски има три деца. Двата сина тргнаа по негови стапки. Едниот, кој е роден 2007 игра во Хајдук, а другиот син, роден 2009, во Вардар.
Ќерката на Игор тренира гимнастика и е балерина.
Петар П.