Д-р Лазаров: Возев од Влае до Центар, секој локал полн – добро бе немате ли жал за родители, баби и дедовци?

0

Состојбата со корона вирусот изминатава година е постојано променлива. Кривата на графиконите оди горе-долу, во зависност од силината на моменталниот пик. Првиот таков скок се случи на почетокот, во месеците март и април 2020 година, но сепак, со оглед на тоа што тогаш повеќето земји применија локдаун, состојбата брзо се смири. Исклучок беше Италија, а потоа и Шпанија, кои поминаа полошо од останатите.

Потоа, во текот на летните месеци, состојбата се стабилизираше, нешто што епидемиолозите го предвидоа, со оглед на топлото време и престојувањето на луѓето надвор, каде условите за ширење на вирусот се намалени.

Но затоа пак, со почетокот на есента, се случи нов посилен бран кој ги наполни болниците. Во нашата земја, состојбата во здравствените капацитети беше на горна граница, па поради тоа, властите изградија и повеќе модуларни болници како поддршка за редовните, од кои, за среќа, немаше поголема потреба.

Во декември минатата година, како и првите два месеци од оваа, дојде до стивнување на бранот, за сега повторно, најмногу како резултат од појавата на нови, позаразни соеви од вирусот, пред сè британскиот и јужноафриканскиот, да почне благо покачување на новите позитивни, со тенденција на влошување на ситуацијата.

Речиси секогаш, при појавата на нови бранови, претходеа некакви епидемиолошки настани (масовните собири епидемиологијата ги насловува како настани), кои беа своевиден тригер за вирусот.

Пролетта и летото лани, се сметаше дека верските собири се такви клучни настани, потоа наголемо се полемизираше околу одржувањето на изборите, додека есента се поклопија почетокот на школската година, за која се одлучи во најголем дел да се реализира онлајн и заладувањето на времето.

Речиси цело време, сведоци сме на пишувања во медиумите и видеа по социјалните мрежи, од масовни забави во некои од угостителските објекти, кои упорно не ги почитуваа насоките за заштита.

Еден таков локал и покрај тоа што беше еднаш опоменат и глобен, организираше повторно забава со многу посетители и непочитување дистанца, на која гостите ги забавуваше странски пејач. По ова, локалот беше затворен од инспекциските служби.

Сега, со затоплувањето на времето, локалите повторно се полнат, за среќа надвор, на нивните тераси. Но, стручњаците преедупредуваат дека новите соеви од вирусот се многу позаразни во споредба со оригиналниот и апелират на максимално внимание.

Еден од докторите кои за време на целата оваа криза го информираше населението за состојбата со вирусот, на својот профил на социјалните мрежи и преку медиумите, е матичниот лекар д-р Ненад Лазаров.

Тој вчера на фејсбук, потенцираше дека гледа сè повеќе млади луѓе кои не се асимптоматски:

„Опсервационо, драстично повирулентен е Британскиот сој! Нема споредба. Ако претходно со “нормалниот” имавме изолирани случаи во рамки на семејство, сега ако еден се зарази, до крајот на неделата ги гледаме сите од семејството болни.

Евидентно поретко е губење на вкус/мирис, фебрилноста е почеста и повисока, и пократок е продромалниот период (денови со општи инфективни симптоми). Се повеќе млади симптоматски, ретко гледам асимптоматски пациенти… Заштите се ве молам!“

Денес Лазаров укажа на сликата која ја видел по скопските локали и повторно апелираше:

„Извозев до Центар од Влае, секој локал што го поминав беше преполн со млади, еден врз друг, без маски, масите една до друга натискани, х ор -ор!

Околу Универзална особено, нели ви е жал за баби и дедовци, родители??? Со вакво ноншалантно однесување што граничи со психопатологија, за кратко ќе рушме рекорди, а наредна недела пак ќе имаме 4 цифрени броеви со сигурност.“

Претходна статијаТурунџиева оди чекор понапред – се бори Атиџе да добие пензија
Следна статијаПоследното интервју кое Балшевиќ го даде за македонски новинар: Проговори што татко му рекол за сопругата Оливера