Исламската верска заедница донесе одлука од 12 мај да ги отвори џамиите за верниците.
„На вонредниот состанок одржан на 7.5.2020 донесена е одлука од 12 мај 2020, вторник, џамиите да се отворат за молитви за да можат да се исполнуваат колективните религиозни обврски. Одлуката стапува во сила веднаш“, се вели во соопштението.
Пред помалку од два месеци реисот Сулејман Реџепи рече дека молитви во џамиите нема да има поради пандемијата, но сега од ИВЗ велат дека има подобрување на здравствената состојба во земјава и затоа им дозволуваат на верниците да ги исполнуваат колективните религиозни обичаи. За ова побараа разбирање од државните институции.
-ИВЗ уште од првите денови на пандемијата на КОВИД-19 се грижи да го заштити здравјето на граѓаните и ги прифати препораките и сугестиите на државните здравствени институции и базирано на исламските принципи, одлучи да ги суспендира колективните молитви во џамиите. ИВЗ беше единствената религиозна институција во земјава која јавно ги повика своите верници да ги следат препораките за заштита на јавното здравје.-ИВЗ
Од ИВЗ се надеваат дека оваа одлука ќе наиде на разбирање кај надлежните државни институции.
Ријасетот на ИВЗ во РСМ, по повод на отворање на џамиите и со цел за заштита на здравјето на луѓето како и спречување на ширење на вирусот Ковид 19, ги донесе долунаведените мерки, кои треба да се спроведат во секоја џамија:
– Дезинфекција на џамии;
– Задолжително носење маска;
– Чистење раце со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или да се носи ракавици;
– Секој верник треба да има лично сеџаде;
– Што повеќе да се користат дворовите на џамиите за обавување на молитвите;
– Да се одржи физичката дистанца колку што е можно повеќе, меѓу верниците;
– Забрането е престој во групи пред или по обавување на молитвите во џамијата;
– Верските предавања не треба да траат подолго од 10 минути.
– Абдест да се зема дома – абдесхањата и тоалетите ќе бидат затворени;
– Максимално да се избегнат поздравите со физички контакт.