Сакам уште еднаш да упатам апел и да ги замолам граѓаните да не вадат авионски карти, да не резервираат летови, бидејќи Владата се уште нема донесено одлука за пуштање на аеродромите. Истакна пред неколку дена министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Прво ние работиме врз база што ни го дава како предлог Комисијата за заразни болести, се разгледува тоа и понатаму и Владата носи одлуки. Владата треба да донесе одлука за ова, разговарав и со директорот на ТАВ, штом се создадат услови ние ќе ги известиме и ТАВ за целосно да се направи тестирање во делот на пистите, се со цел да можат да се користат аеродромите.
Се уште немаме таква одлука, чекаме да видиме што ќе предложи Комисијата за заразни болести, чим предложи, ние го разгледуваме тоа на штаб и во одреден временски период ќе бидат пуштени аеродромите во државава“, додаде Сугарески.
ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници.
Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид.
Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19.
И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста.
Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома, концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.
„Да, ние се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16-ти мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа“, истакна Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија