Благој Нацоски е македонски оперски пејач (тенор), воедно најафирмираниот македонски оперски пејач во светот кој живее и работи во Италија.Тој преку својот профил на Фејсбук е е мошне актуелен, каде што сподели интересен момент и денес.
Една прекрасна вест која ме прави горд Македонец во Италија.
Имено, во болницата „Џемели“ во саботата е извршена исклучителна интевервенција (и тоа за време на пандемија), прва од тој вид во Европа и во Америка, со користење на два магнети за повторно отворање на жолчниот канал.
Во тимот составен од 5 лекари е и Др. Иво Бошкоски од Македонија (десно на сликата). Честитки до нашиот доктор, напиша Нацоски.
Неодамна во интервју за „360 степени“ зборуваше доктор Иво Бошкоски, признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки, кој работи на Католичкиот универзитет во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Тој е родум од Тетово.
Тој кажа дека е во контакт со македонските здравствени власти и даде пофалба за тоа што е направено во нашата држава.
„Тоа што е затворено во Македонија во моментов, што има полициски час, е единствено нешто што може да функционира моментално за да се намали пренесувањето на вирусот. Навистина, луѓето умираат за 10 минути. Тоа е премногу.
Имате ситуации кај што буквално до пред секунда пациентот е добар, го гледате, за секунда се дестабилизира, и тоа за еден доктор е навистина нешто незамисливо, да бидеш беспомошен. Не можете ништо да направите за тој пациент, а знаеш – има 40 години, има деца, треба да му го спасите животот, а сте немоќни.
Оставате буквално една цела фамилија на улица. Што значи, подобро е да имате затворени улици, отколку затворени семејства. Тоа што го прави Владата во Македонија мислам дека е единствено нешто што може да функционира, оти немаме вакцина, немаме соодветни лекарства, коишто сигурно би биле ефикасни.
Тоа е мојата порака. Вирусот не гледа ни националност, ни политичка определеност. Во моментов треба да сфатите дека станува збор за воена економија, за вонредна состојба и единствено нешто што секој поединец може да го направи, од каква било религија, од каква било национална припадност, симпатизер на која било политичка партија, е да ги слуша препораките и да биде совесен граѓанин и да придонесе“, изјави тогаш Бошкоски.