Правото на протест е загарантирано, но мора да се почитуваат мерките за превенција, рече заменик премиерката за економски прашања, Мила Царовска, во своето вечерашно гостување во емисијата „200“, на Алсат, запрашана за коментар по најавите за протест против полицискиот час.
Граѓаните се мошне совесни за воведените мерки и покажаа дека може да ги почитуваат, рече Царовска и додаде:
„Протест како протест, или изразување на одредени потреби може да се случи, но дека ние имаме масовно незадоволство тоа не е така“, рече Царовска.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека се надева оти организаторите на протестот закажан на 16 мај во Скопје, ќе се премислат и ќе го одложат.
„Искрено верувам дека организаторите ќе го откажат протестот, заради тоа што сакам да се свесни. Би сакал и да поразговарам со организаторите да видам зошто сметаат дека треба да се укине полицискиот час и да ги презентираме вистинските научни аргументи зошто тоа го правиме.
Ако дојде сепак до таков протест, верувам дека соодветните институции ќе интервенираат да биде барем со соодветните мерки, носење маски и да биде на дистанца“, – истакна Филипче.
Протестот насловен како „Стоп 5Г и вакцините“ кој е закажан за 16 мај, сабота, е во организација на група граѓани, а во најавата на Фејсбук се вели дека ќе започне од 12:30 часот од сајмиште во правец кон Владата.
Со реакција на оваа тема протест се јави младиот доктор Ѓуро Кленкоски кој на својот фејсбук профил напиша:
Против мене ли против нас ли ќе протестирате? Ќе ја погазите и негирате ли нашата работа? Ова ли е вашето благодарам, вашето ракоплескање, себичен народе? За вас ли ние 3 месеци деноноќно работиме, се бориме, жртвуваме се ?
Јас претпоставував дека овој народ е неблагодарен, самобендисан, покварен, но до ваков висок степен не верував ! Фала ви, повеќе нема потреба ништо да се додаде, кажавте се !