Професорот Игор објаснува зошто мора да седиме дома ако не сакаме десет пати повеќе заболени

0

Психијатрите и психотерапевтите од почетокот на пандемијата на коронавирусот зборуваа дека точните и навремените информации се најдобриот лек за луѓето кои се затворени во своите домови.

Хрватскиот професор Игор Рудан во своите текстови за “Вечерњи лист” детално и разбирливо ја дефинираше состојбата со која светот се соочува.

Пренесуваме делови од неговиот текст и анализите кои ги направи заедно со својот колега Иван Џикиќ.

“Сите епидемии и пандемии се неочекувани и динамични настани во кои треба истовремено да се приберат информации за предизвикувачот на болеста и да се преземат неопходните епидемиолошки мерки.

Од таа причина, ова не се настани чиј развој е однапред предвидлив на кој било начин и истите се специфични за секое опкружување во однос на реакцијата и локалното ширење на вирусот. На пример, првите научни податоци за болеста COVID-19 се засновани на искуствата од Вухан во провинцијата Хубеи.

Првичните проценки на стапката на см ртност во заедницата од околу 0.5 до 1 процент и првите податоци за спектарот на симптоми на болеста од која починаа 1.4% од хоспитализираните пациенти во останатите провинции од Кина и Јужна Кореја, па и иницијалната проценка на стапката на распространетост на заболувањата во заедницата (R0) од 2.2, покажаа дека станува збор за сосема непозната и прилично опасна болест.

Коронавирусот притаено се шири поради релативно благите симптоми кај 80% од заболените па и повеќе бидејќи вкупниот број на заразени во некои земји сè уште не може прецизно да се одреди. Според овие стручни параметри, ефектите на вирусот се споредливи со тие на потешкиот грип доколку навремено се применуваат епидемиолошките мерки.

Повторно нагласуваме дека грипот до ден денес е опасна болест од која умираат 650.000 луѓе ширум светот во текот на една година.

Врз основа на овие првични податоци од Кина, иницијалните проценки предвидуваа дека со болеста први ќе се справат најразвиените земји, како што се земјите на Европската Унија и САД, како што тоа претходно го направи Кина, заедно со неколку резвиени азиски земји. Оваа пандемија бара организирани и координирани епидемиолошки мерки ширум светот, како што е посочено од Светската здравствена организација и достапните податоци за стапката на ширење на вирусот.

Сепак, со доаѓањето на вирусот во Европа и САД, од голем број напредвидливи причини, и во голема мерка одложен одговор на спроведувањето на епидемиолошките мерки во одделни земји, епидемијата се проби низ првите линии на одбраната во многу земји и истата се шири слободно помеѓу населението доведувајќи до голем број на заразени луѓе и експоненцијален раст на ширењето на болеста.

Како резултат на тоа, овие земји се соочуваат со неочекувано голем број на жртви, што впрочем ја покажува новата слика за Ковид 19 кога епидемиолошките мерки недостасуваат или доцнат.

Ваквиот развој на настаните не беше предвидлив и сега имаме целосно нови податоци за ширењето на истоимената болест. На пример, само преку слободното ширење на болеста во овие земји стана јасно дека вирусот може да се шири многу побрзо – најновите научни истражувања покажуваат дека параметарот РО не е повеќе 2.2 туку 5.7, што би значело дека еден заболен човек во просек заразува по 5.7 луѓе.

Ова целосно ги менува сите првични предвидувања и укажува дека клучната опасност од Ковид 19 е огромната брзина на нејзиното слободно ширење. Брзото ширење на инфекцијата резултира со голем број на сериозни случаи кои бараат интензивна нега. Покрај тоа, болниците и домовите за стари лица се исклучително опасни потенцијални жаришта на епидемијата со голем број на смртни случаи затоа што стапката на смртност од Ковид 19 таму е значително повисока.

Преоптоварувањето на здравствениот систем со пациенти кои развиле тешки симптоми на Ковид 19 довведува до зголемување на смртноста од сите други болести како резултат на неможност навремено да се обезбеди потребната медицинска нега.

Како резултат на овие нови откритија, мнозинството од државите ширум светот воведоа, во фази, построги мерки на социјално и физичко дистанцирање па до целосен карантин, се со цел да го забават ширењето на вирусот и да им овозможат на нивните здравствени системи да обезбедат целосна здравствена заштита на секој што е заболен со потешкиот облик на болеста”.

Најновите проценки од Институтот за мерење и евалуација на здравјето во Сиетл предвидуваат дека епидемијата во Хрватска би можела да го доживее својот пик на 20 април, а доколку останат да важат строгите епидемиолошки мерки, бројот на починати би можел да достигне помеѓу 100 и 200, што е навистина една од најниските проценки во Европа.

Меѓутоа, професорот Рудан уште еднаш вели дека ситуацијата се менува од ден на ден и сè може многу брзо да се промени доколку настанат дупки во епидемиолошките мерки поради несериозност, неодговорност и лошо однесување.

Тој напоменува и дека е од големо значење да се избегнат инциденти во болниците и домовите за стари лица, нешто што и се случи на Хрватска во изминатите неколку дена.

На крај, тој вели дека доволна е само една недела да се овозможи слободно ширење на вирусот и бројот на заболени во Хрватска ќе се зголеми најмалку за десет пати.

Претходна статија(ВИДЕО) Зоран Заев открива како ја поминува самоизолацијата и како му тече еден ден дома
Следна статија(ФОТО) Нема да верувате што побара бабичка на 93-годишна возраст- ми треба уште пиво