Покрај Инфективна, се активираат уште неколку болници, Филипче најави уште поголеми бројки

0

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски на денешниот брифинг со новинарите посочи дека консензусот на целата комисија е на многу високо ниво и нема драстични разлики, а решенијата се носат на дневна основа. Во досегашното менаџирање на спроведувањето на тестирањето, како што кажа, сме едни од најдобро екипираните и организирани во моментов, затоа што по бројот на направени тестови сме втора земја.

Пред нас е Словенија. Навлезени сме во зголемен број заболени лица, а врвот се очекува во следните две до три недели.

На денешната видео средба со новинарите, Филипче најави дека од денеска и болницата „8 Септември“ е подготвена за дијагностицирање и лечење на заболени од Ковид-19 и дека на располагање ќе бидат нови 400 болнички кревети, што ги нуди болницата.

Каде ќе бидат сместени заболените ќе се одлучува во координација со директорката на Клиниката за инфектологија.

Како нов регионален центар за справување со пандемијата ја посочи болницата во Битола каде, како што кажа, во моментот има 35 кревети на располагање кои можат да се зголемат до 100. Во преговори сме, додаде,и со лабораторијата на МАНУ за дијагностицирање на заболени од Ковид-19 и за користење на нивната апаратура. -Верувам дека и тие ќе бидат вклучени наскоро, рече Филипче.

Најави дека сите јавни здравствени установи во земјава имаат доволно заштитна опрема. Имаме сосема солидни резерви, а во текот на неделава ќе ги дополниме. Имаме, посочи, заштитна опрема што секаде се корсти, а за жал секаде во светот има заразени доктори, некаде и починати.

Се наоѓаме во критичниот момент со очекуван раст на бројот на дијагностицирани заболени од Ковид-19 и имајќи предвид дека одиме кон пикот во следните неколку недели влегуваме во нова фаза на менаџирање на целокупниот процес. Доколку ситуацијата отиде во полоша состојба ќе предложиме и други мерки што ќе значат зголемување на рестриктивноста, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ истакна дека кај нив се хоспитализирани 74 лица и дека се приближуваат до пополнување на капацитетите.

Мобилната болница, додаде, ќе ни помогне во дополнување на потребите од хоспитализација и веќе се во функција тимови од колеги интернисти кои ќе бидат од голема помош и тие од утре почнуваат.

Според официјалните информации од Министерството за здравство досега се заразени вкупно 52 здравствени работници во земјава. Во Штип, 14 вработени од инфективното одделение веќе се во самоизолација. Од нив, двајца лекари инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари.

Тие имале контакт со 80 – годишна пациентка позитивна на Ковид 19. Гостивар го затвори Центарот за јавно здравје откако кај еден вработен е потврдена заразата со вирусот. Уште осуммина негови колеги се во самоизолација.

Еден заразен здравствен работник има во поликлиниката Чаир. Заразени се и матичен лекар од Лабуништа, лекар од инфективното одделение во прилепската Општа болница, како и доктор од психијатриската болница во Демир Хисар.

Претходна статијаДоктор Лазаров: Ќе ги разболите за брзо сите лекари, а потоа Исус, Алах, Буда нека ви се на помош
Следна статијаДокторот Аголи од Дебар кој се излечи од Корона: Информацијата што ја добив е страшна