Оливер Спасовски проговори за односот со Максим Димитриевски: Да ги оставиме шпекулациите за оние кои немаат со што друго да се занимаваат

Премиерот Оливер Спасовски, во интервју за “Фактор“, вели дека кумановската средба на кризниот штаб не била организирана од Владата.

–Еве уште еднаш ќе повториме, нема затајувања, имаше континуирани и разни барања од страна на Општинскиот штаб во Куманово, коишто се разгледуваа на Главнот координативен кризен штаб во Владата и се даваше соодветен одговор.

Дел од тие барања значеа и потреба за увид на ситуацијата на теренот со цел и во Куманово, како и секаде во државата, да се поставиме соодветно на ситуацијата и околностите. Согласно таквите барања за различни мерки, беше договорен состанокот и не верувам дека некој има дилема дали тој состанок со ОКШ на Куманово требало да се одржи.

На прашањето каков е неговиот однос со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, бидејќи во јавноста се зборува дека не се во добри односи, премиерот вели:

–Со градоначалникот Димитриевски имаме принципиелни професионални односи и таа комуникација така и ќе продолжи за доброто на граѓаните на Куманово.

Да ги оставиме шпекулациите за оние кои немаат со што друго да се занимаваат, иако оваа ситуација во којашто ни се наоѓаат луѓето и државата, сметам дека го прозива секој поединец, човек, личност на раководна позиција, граѓанин, да се фокусира на придонесот што може да го даде во надминувањето на здравствено-економската криза во државата и да се однесува совесно.

Целосно сум посветен на доброто на моите сограѓани во Куманово и на доброто на граѓаните во целата наша земја. Оваа криза ќе заврши, но ќе се памети кој успеал да се издигне над личните интереси во интерес на колективното добро. Тоа е за мене и како човек и како премиер единствен и врвен приоритет, вели Спасовски.

Како што е добро познато, моменталниот технички премиер, Оливер Спасовски исто така потекнува од овој град, Куманово.