Доцент д-р Валентин Раковиќ од Факултетот за електротехника и информациски технологии, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за тоа што е 5Г мрежата и за што се користи.
„Ако го споредиме 5Г со минатите типови и генерации на мобилни системи, би рекол дека 5Г има драстичен еволутивен скок пред се во однос на протоколите, начинот на процесирање на сигнали, и од него доаѓаат сите предности на 5Г.
Ако го споредиме 5Г со претходните технологии, ќе сфатиме дека начинот на којшто 5Г ја врши таа трансмисија е дополнет во однос, да речеме, на 4Г. Освен што се користат оние опсези или фрекфенции коишто денешните комуникациски системи веќе ги користат, како Wi-Fi, Bluetooth, NFC итн… ќе користи еден повисок дел од опсегот, или таканаречен Millimeter-wave опсег, или опсег на милиметарски бранови и тука, всушност се ослободуваат големи пространства, за големи, огромни комуникациски брзини.
И проблемот што се јавува кај населението генерално заради 5Г е заради овој Millimeter-wave, којшто иако е нов опсег во мобилната терестријална и земска комуникација, тој веќе се користи како опсег во сателитски комуникации, во радарски системи, веќе постои стандардизиран е и е во употреба и еден тип на WiFi којшто реално го користи истиот тој опсег. Така што фобијата од тоа дека ќе имаме зрачење од повисоки фрекфенции е релативно неиздржана, бидејќи веќе се зрачиме константно со многу комуникациски технологии“, вели Раковиќ.
Тој вели дека 5Г треба да е двигател на четвртата индустриска револуција и да обезбеди нова плејада на сервиси како што се холограми, виртуелна реалност, гејминг концепти коишто се уште не се користат, автоматизација од секој аспект – автономни возила, роботи, дронови, фабрики, концепт на интернет на нештата, односно паметни градови, паметни домови, персонализирано здравство, концепти на кои машинското учење и вештачката интелигенција кои ќе ни помагаат во секојдневниот живот.
Раковиќ вели дека најголемиот дел од студиите немаат пронајдено негативно влијание на 5Г мрежата врз здравјето на луѓето.
Гостин во „10 МИНУТИ“ на ТВ21 беше министерот за информатичко опшетство Дамјан Манчевски.
Тој беше прашан за мрежата 5Г која крена многу прашина во јавноста во изминатите неколку недели, и тоа не само кај нас, туку и во другите земји.
Манчевски одговори дека простор за паника нема, и дека кај нас само кратко лани во декември имало сигнал за 5Г, и дека тогаш ниту умирале птици, ниту штркови, а во моментов нема активен сигнал на 5Г.