Според официјалните информации од Министерството за здравство досега се заразени вкупно 52 здравствени работници во земјава. Во Штип, 14 вработени од инфективното одделение веќе се во самоизолација. Од нив, двајца лекари инфектолози, осум медицински сестри и четворица болничари.
Тие имале контакт со 80 – годишна пациентка позитивна на Ковид 19. Гостивар го затвори Центарот за јавно здравје откако кај еден вработен е потврдена заразата со вирусот.
Уште осуммина негови колеги се во самоизолација. Еден заразен здравствен работник има во поликлиниката Чаир. Заразени се и матичен лекар од Лабуништа, лекар од инфективното одделение во прилепската Општа болница, како и доктор од психијатриската болница во Демир Хисар.
Доктор Арбен Аголи од Дебар кој е меѓу првите здравствени работници заразени во земјава и веќе е излекуван, им порачува на своите колеги повеќе да внимаваат на себе.
„Информацијата што ја добив е страшна. Искрено не очекував дека ќе биде волку голем бројот на медицинскиот персонал кои се заразени. Ние треба да ја надминеме оваа ситуација поради самиот факт што ние сме на првата линија на фронтот.
Тоа што би ги советувал моите колеги е максимално да се грижат за нивното здравје, да ги почитуваат мерките што ги препорачува Министерството за здравство, протоколите за безбедност на примарно, секундарно и терциерно ниво, да бидат коректни со себе но и кон пациентите и да не дозволат на ниту еден начин да дојдат до ситуација да се заразат. Се разбира личната хигиена, социјалната дистанца од два метри и поголемата грижа за себе“, вели д-р Арбен Аголи за Алсат М.
Инаку, бројот на заразени здравствени работници за шест дена порасна за 17 лица. На 31 март Институтот за јавно здравје соопшти дека се регистрирани 35 случаи меѓу здравствените работници.
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека од вчера во функција е ставена и болницата „8-ми Септември“, а се става во функција и болницата во Битола, како и мобилната болница на Инфективната клиника.
„Од вчера е ставена во функција болницата 8-ми Септември. Таа беше ставена и досега во функција на позитивни случаи на кои им требаше друга здравствена состојба. И сега останува така, но веќе почнува доколку треба, и да се користат и креветите на располагање.
Исто така подготвена е и мобилната болница на Инфективната клиника и таа ќе биде ставена во функција веднаш штом се исполни капацитетот на Инфективната клиника. Исто така во функција ја ставаме и болницата во Битола“, рече Филипче.