Дали летово ќе може да се оди на плажа? Ако има одмор по пандемијата на коронавирус, тогаш веројатно ќе биде во локални рамки. Министрите за туризам на ЕУ немаат временски план за заживување на патувањата.
Гари Капели, министер за туризам на Хрватска, земја која моментно претседава со ЕУ, изрази очекување дека Европејците од северот на континентот во текот на летната сезона и покрај пандемијата ќе патуваат на југ, што би бил некој вид европска солидарност.
„Потребен ни е заеднички план за обнова на туризмот“, вели Капели. Тој додава дека е потребен и заеднички здравствен концепт, како и дека тогаш на сите патници и организатори би можело да им се издаде некој вид „корона-здравствен пасош“.
Министерката за туризам од Малта, Јуија Фаруѓа Портели, заговара заеднички ЕУ-стандарди кога станува збор за здравствена заштита во хотели, ресторани, во авиони и на плажите. „Постојат ризици, но на нив мораме и да одговориме“, изјави таа на министерскиот состанок.
Останатите влади се повоздржани и одат по свој пат. Австрија, на пример, своите хотели ги отвора на 29 мај, но тие би требало да примаат гости само од соседните земји и по можност, од региони каде стапката на инфекции е мала. Австрискиот канцелар Себастијан Курц предлага Австријците своите летни одмори, во оваа вонредна корона-година, да ги поминат во својата земја.
Хотелиерите и сопственици на плажи во Италија развиваат необични концепти за на идните гости да им обезбедат неопходна дистанца. Така, на плажите би требало да бидат поставени преградни плочи од плексиглас, хотелите би требало да бидат пополнети само до половина, во хотелските ресторани да се служи само едно јадење, а растојанието меѓу масите да биде два метра.
Грција размислува за некој вид туристички коридор од западна Европа. Патниците кои имаат потврда дека се здрави, би влегувале во специјални авиони и би доаѓале во проверени туристички одморалишта во кои нема коронавирус, вака грчкиот министер за туризам, Карис Теокарис го опиша грчкиот концепт.
Во Белгија се рамислува за влезници за плажа. Некои други министри за туризам предлагаат одмор во внатрешноста на земјата, заради растоварување на хотелите и плажите.