Германската канцеларка Ангела Меркел ги гледа првите успеси во борбата против коронавирусот и причина за „претпазливата надеж“, објави Дојче Веле.
Сепак, таа и членовите на нејзиниот Кабинет едногласно ги повикаа Германците да останат претпазливи и дисциплинирани.
– Ако граѓаните продолжат да бидат дисциплинирани, германската Влада верува дека првото и мало олеснување на строгите ограничувања е можно после велигденските празници. Однесувањето на граѓаните овој викенд е пресуден фактор, рече канцеларката Ангела Меркел.
Меркел во моментов не гледа потреба од заострување на мерките за борба против епидемијата. Таа ги повика граѓаните дисциплинирано да се придржуваат кон ограничувањата за контакт за време на Велигден.
Германската канцеларка планира во среда да разговара со сојузните премиери за тоа како може да се ублажат ограничувањата во јавниот и економскиот живот. Можни се само мали чекори, и многу внимателно, вели Меркел.
Германското село Оберамергау, во кое се наоѓа еден од најголемиот НАТО центар за обука на светот, нема ниеден заразен од коронавирус, а мештаните веруваат дека од епидемијата ги чува завет стар 400 години. Мештаните на Оберамегау веруваат дека од заразата ги штити заветот кој го дале уште во 1633-та година, во текот на епидемијата на чума, а го исполнуваат и денес, пишува New York Times.
Епидемијата на чума во 17-тиот век го однела животот на секој четврти жител и тогаш, како што вели локалниот свештеник Томас Гронер, жителите на ова место му ветиле на Бог дека, ако ги поштеди, редовно ќе изведуваат претстава која го преставува животот, смртта и воскреснување на Исус Христос.
Легендата вели дека од тогаш никој во ова баварско село не умрел од епидемија, иако претходно починале десетици.
Така мештаните речиси 400 години го одржувале овој завет, одржувајќи претстава на секои 10 години.
Претставите биле откажани само 2 пати, и тоа во 1770-та година во текот на ерата на просветителството и во 1940-та година поради Втората светска војна. Една била и одложена, непосредно по Втората светска војна, бидејќи немало доволно мажи, кои загинале на фронтот, за претставата да се одржи.
Второто одложување ќе биде оваа година, кога 42-та претстава ќе биде одложена поради пандемијата на коронавирусот.
Овогодишната претстава требало да започне во мај и да се одржува неколку пати до крајот на летото. На оваа претстава обично доаѓаат стотина илјади туристи.
За разлика од остатокот од Германија, каде повеќе од 100.000 луѓе се позитивни на коронавирусот, во селото нема ниеден познат случај на COVID-19, а мештаните веруваат дека заветот и натаму ги штити.
Инаку, ова баварско село е познато не само по претставите, туку и по најголемиот наставен центар на НАТО, основан во 1953-та година.
Преку наставниот центар, кој го користат земјите на НАТО и нивните сојузници, годишно минуваат 12.000 луѓе, во главно офицери кои се обучуваат и усовршуваат во разни воени аспекти.