Филипче се огласи и упати порака до Игор Јанушев: Како и Мицкоски се обидува да ја изманипулира јавноста

0

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека во изминатите 24 часа се регистрирани 49 нови случаи на Ковид-19. По градови: Скопје 13, Куманово 14, Штип 6, Прилеп 8, Велес 6, Гостивар 1 и Кочани 1.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 760 лица. Во изминатото деноноќие направени се 586 теста, а досега во земјата се направени 7.653 тестирања на Ковид-19. Двајца пациенти од Куманово и Прилеп починаа од коронавирус.

Во изминатото деноноќие на Клиниката се примени 3 пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 68, од кои 15 се на кислородна поддршка и 8 на механичка вентилација.

Во болницата „8 септември“ се примени 8 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 28 потврдени и сомнителни на коронавирус. Од нив, 9 се со потешка клиничка слика, а 6 пациенти се на респираторна машина.

Во болницата во Битола се хоспитализирани вкупно 5 пациенти, еден пациент повремено на кислородна поддршка, а другите стабилни. На домашно лекување преку оваа болница се следат 7 пациенти кои се во добра општа состојба.

Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 13 пациенти потврдени и сомнителни на коронавирус, а уште 13 се следат на домашно лекување. Освен една пациентка кај која има влошување на состојбата, сите останати пациенти се стабилни.

Денеска нема да ја одржиме редовната прес-конференција. Одделението за односи со јавноста во Министерството ќе одговори на сите поставени прашања од страна на медиумите.

Подоцна, Венко Филипче преку социјалните мрежи повторно се огласи и кажа:

Игор Јанушев, исто како и Мицкоски се обидува да ја изманипулира јавноста. Минатиот пат Мицкоски свесно манипулираше дека нема тестови, а овој пат лагата е дека нема заштитна опрема за медицинскиот персонал.

Одговорно тврдам дека ништо не недостасува, а има и доволни количини во резерва.

Минатата недела е направена инспекциска контрола во 79 здравствени установи од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и во ниедна не е забележан недостиг на опрема.

Дополнително, во тек е набавка за дополнување на резервите за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб-страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери.

Не ја разбирам потребата постојано да се лаже и манипулира јавноста на тема која и онака ги држи граѓаните во страв и неизвесност. Ова однесување на опозицијата не носи добро никому и многу одмага во борбата со коронавирусот.

Претходна статијаАнастасија Петрова додека лежела во возило на Брза помош, докторите се расправале по телефон за тоа што да прават со неа
Следна статија„Полицискиот час“ ги наполни планинските села: Куќите полни со луѓе како некогаш