Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и уште едно лице од општинскиот кризен штаб, ќе добијат парична казна оти при изречена мерка за изолација тргнале да се тестираат во Скопје.
Тие смееле да го напуштат домот исклучиво при влошено здравје и по потреба да се транспортираат до инфективно одделение, но на матичните лекари ниту еднаш не им се пожалиле за здравствента состојба.
Инспекторите кои при вонреден надзор ја провериле патеката на движење на Димитриевски утврдиле дека тој добил упат од општата кумановска болница за ренген на белите дробови и за лабораториски анализи во Клиниката за инфективни болести во Скопје. Со еден телефонски повик во скопската инфективна клиника, инспекторите откриле дека тој не се појавил таму на преглед.
„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност.
Вториот прекршок што е нотиран е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму секако како и за постапување на докторите од Инфективното одделение во Куманово веќе е во тек вонреден стручен надзор“, рече Иринка Сотирова Бухова – директорка на ДСЗИ.
Следејќи ја патеката каде всушност патувал Димитриевски, инспекторите направиле увид во болницата на Жан Митрев и во лабораторијата Биотек и Систина.
Еден од резултатите укажал на постоење на антитела на вирусот кај пациентот. Кумановскиот градоначалник и покрај негативниот резултат на приватните клиники, не може да биде заведен како излекуван пациент поради преуранетите тестирања.
Сотирова – Бухова објасни дека за излекувани се сметаат само оние пациенти кои по истекот на 14 – дневна изолација ќе добијат два последователни негативни резултати. И за тоа Димитриевски немал потреба да оди на клиники, оти службите доаѓаат до дома за тестирање на пациенти.
Инспекторатот утврдил и серија пропусти кај локалните здравствени центри. Стручните служби во Куманово на своја рака го прогласиле тестирањето на општинскиот кризен штаб за скрининг. Не се спровела ниту епидемиолошка анкета врз тестираните членови.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе треба да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесува и на директорот на Регионалниот Центар за управување со кризи Горан Стојановски.