Извршниот комитет на ЕХФ денес направи состанок преку видео-конференција и донесе одлука која нема да му се допадне на Вардар.
По долгото следење на ситуацијата поврзана со пандемијата со ковид-19, сите натпревари од нокаут фазата во Лигата на шампионите беа откажани.
Тоа значи дека европскиот првак нема да има можност да ја одбрани титулата освоена минатата сезона. На завршниот турнир, кој од претходно се знае дека ќе се одигра на крајот од декември, ќе учествуваат најдобрите две екипи од групите А и Б. Тоа се Кил, Веспрем, Барселона и ПСЖ.
Во борбата за четвртфиналето, вардарци требаше да се соочат со ПИК Сегед, но оваа одлука на ЕХФ значи дека европската сезона за нив е завршена. За првпат по три години вардарци нема да играат на завршниот турнир во Келн, а боли начинот на кој вардарци се елиминирани од можноста да ја бранат титулата.
Иста судбина ги снајде и останатите клубови кои сонуваа за место во „Ланксес Арена“. Без европски амбиции останаа и Флензбург, Киелце, Целје Пивоварна Лашко, Висла Плок, Алборг, Порто и Монпелје.
Проблемите со откажувањата и немањето термини, кои се појавија поради глобалната пандемија со коронавирусот, скапо ќе ја чинат ракометната репрезентација на Македонија, која останува без можност низ квалификации да обезбеди пласман на Светското првенство в година во Египет.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска реши да ги откаже баражите за пласман на Мундијалот во Египет, во кој нашата репрезентација требаше да игра против Франција. Патниците на СП 2021 беа одредени според пласман на последното Европско првенство, на кое, за жал, македонските ракометари испаднаа уште по првата рунда и го освоија 15. место во конечниот поредок. За да биде болката поголема, Франција е административен победник само затоа што беше една позиција погоре, 14-та.
Ако постои некоја последна надеж, тоа се вајлд-картите кои ИХФ ги доделува по сопствен избор, овој пат две. Неофицијално, прв фаворит за едната се САД, а втората ќе биде одлука на ИХФ.
Предвреме се завршени и квалификациите на женската ракометната репрезентација за ЕП 2020, во кое „црвено-жолтите“ секако беа без шанси за пласман. Овде решението е донесено врз база на ранкингот на ЕП во 2018 година.