Потег кој треба да го следат сите во Владата: Македонска Министерка се откажа од платата

0

За време на денешната прес-конференција, Министерката за финансии Нина Ангеловска порача дека најголемиот економски шок може да се очекува во второто тримесечје, односно во месеците април, мај и јуни. Таа предупреди и дека се наоѓаме пред еден од најголемите предизвици за светската и економската економија по светската економска криза.

„Предвидувањата, начелно, на меѓународните институции се менуваат од ден во ден, веќе почнува од час во час. Очекувањата се дека најголемиот шок можеме да го очекуваме во вториот квартал од годината. Начелно, предвидуваат дека веќе од третиот може да се очекува некакво закрепнување за во четвртиот да дојдеме до одредена стабилизација“, рече Ангеловска.

Таа порача дека ефектите од коронавирусот врз економијата можат да бидат драматични ако не се дејствува внимателно, а сериозноста на ситуацијата е уште поголема бидејќи е непредвидлива.

„Ова е специфичен удар од неекономски карактер со непознат хоризонт, па оттука тешко е да се предвидат последиците. Буџетот во моментов е стабилен, но тоа во услови на намалена економска активност ќе се смени многу бргу. Фискалниот простор што го имаме е ограничен. Она што е најважно и што сакам да го истакнам е здравјето на граѓаните, па во таа насока сакам да истакнам дека буџетот на Министерството за здравство има простор успешно да одговори на здравствената криза“, рече Ангеловска.

Таа побара солидарност од компаниите, на оние што се погодени, како што рече, ќе им се помогне, но оние што ќе ги зголемат своите приходи во оваа криза побара, ако може и предвреме, односно авансно да ги плаќаат своите давачки кон државата.

„Оваа криза со која се соочуваме ги менува нашите животи, начинот на кој комуницираме, на кој работиме, на кој живееме. Не може никој да каже со сигурност до кога ќе биде така. Многубројни компании веќе се реорганизираат, ги менуваат работните процедури, воведуваат технологија за работа од далечина, едноставно се адаптираат.

Некои компании погодени од мерките за превенција како што се, на пример, угостителите воведуваат алтернативни начини на продажба и достава на храната, некои можеби ќе затворат, а има и такви чии бизниси можеби ќе растат во текот на кризата со корона. Има и такви што ќе ги минимизираат ефектите од коронавирусот“, рече министерката која на крајот од своето обраќање во Владата рече дека се откажува од својата плата додека трае кризата.

Министерството за финансии донесе неколку мерки со кои ќе им помогне на компаниите кои први ја почувствуваа кризата да се справат со проблемите. Притоа, министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција посочи дека се откажува од министерската плата се додека на сила се владините мерки против ширење на коронавирус.

Претходна статијаПолицијата приведе лице во Гостивар поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија
Следна статијаКорона се шири во Скопје: Филипче објави колку нови случаи има од утрово