По подолго време се огласи Бранко Црвенковски: Тогаш беше направен горчлив и тежок компромис

0

Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, кој учествуваше на настанот за Мини Шенген, на дебатата „Визија на Западен Балкан до 2030 година“, праша дали постои барем една рационална причина зошто граѓаните од регионот не би патувале поевтино, полесно и би се вработувале и занимавале со бизнис.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Црвенковски рекол дека оваа иницијатива треба да создаде една структура како дел од европските интеграции.

„Без оглед на тоа што мислиме, дека сме лидери на регионот, ние мора да разбереме, од гледна точка на Брисел, Берлин, Париз, дека при градење на долгорочна стратегија, таа се прави за Западен Балкан, а не за одделни земји“, рекол Црвенковски.

Тој посочил дека 10 години пред потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, ЕУ и давала препораки на Македонија, дека земјата не може да ги започне преговорите со ЕУ сè додека не се реши спорот со Грција.

„Тогаш беше направен горчлив и тежок компромис и кога тоа се случи, настана горчлив шок“, изјави Црвенковски.

Тој посочи дека ова предизвика големо разочарување кај граѓаните, што го поткопа кредибилитетот на властите и е причината што наскоро во Северна Македонија ќе се одржат предвремени избори.

„Се испостави дека ЕУ не држи до својот збор и не ги исполнува своите ветувања“, истакна тој, додавајќи дека тоа испраќа лош сигнал за решавање на други отворени и тешки прашања како што е односот меѓу Белград и Приштина, но и структурата на власта во БиХ.

Посочи дека сега се говори оти ЕУ е нефункционална во донесувањето одлуки и дека проширувањето сето ова само би го искомплицирало.

„Без оглед на ставот на ЕУ, што ќе одлучи, дали местото на Западен Балкан е во ЕУ, ние мора да продолжиме со реформите и да го продолжиме европскиот курс за доброто на граѓаните и нивната иднина“, оцени Црвенковски.

Претходна статијаИталијански доктор директно и отворено за Корона – Ве молам, намалете го тонот
Следна статијаЗошто Корона во Италија се рашири толку брзо – открија каде ја направиле грешката