Аџибадем Систина и Орка Холдинг соопштуваат дека од утре го ставаат на располагање целосно капацитетот на Хотелот Ibis Styles (поранешната болница Мала Богородица-Систина) на Министерството за здравство.
Хотелот комплетно ќе биде пренаменет во Центар за изолација на суспектни лица на вирусот Ковид-19 на кој им е определен 14 дена изолационен период (карантин) од надлежните органи на државата.
Медицинскиот тим ќе биде обезбеден од Аџибадем Систина и сета друга неопходна медицинска поддршка.
Сите трошоци околу нивниот престој ќе бидат покриени од Аџибадем Систина и Орка Холдинг. Хотелот Ibis Styles располага со капацитет од 47 соби кои целосно ќе бидат пренаменети и опремени со потребните медицински материјали.
Доколку се јави потреба од дополнителни капацитети, покрај овие 47 соби на хотелот Ibis Styles, Аџибадем Систина и Орка Холдинг се подготвени и целосно да ги отстапат капацитетите на Ibis Skopje City Center хотелот кој располага со 110 соби кои би биле целосно пренаменети и опремени со сета потребна медицинска опрема и материјали.
На сите нас останува да продолжиме да ги следиме препораките и насоките на Министерството за здравство, да веруваме во оние кои ја вложуваат сета своја професионалност со цел оваа ситуација да има најдобар можен исход, и заедно, со висока свест да придонесеме ова ситуација да биде побрзо надмината.
Како што информираа од Аџибадем Систина каде сопственик е Орце Камчев, во услови на алертна состојба со вирусот Ковид-19, Клиничката болница „Аџибадем Систина“, заедно со сите свои 1000 вработени лица, се става на располагање со сите свои слободни капацитети на граѓаните на Македонија, кои се засегнати од овој вирус, а по потреба и претходен договор со Министерството за здравство.
На располагање се ставаат и сите слободни апарати за механичка вентилација односно респиратори. Во моментов нашата болница располага со 27 најсовремени респиратори и тоа педијатриски, адултни и транспортни.
Следете ги препораките за заштита и превенција од Ковид 19. Грижете се за своето и за здравјето на луѓето околу Вас. Нашата грижа за Вашето здравје продолжува.