Ако не се почитуваат мерките познато колкава затворска казна може да добиете

0

Откако беа регистрирани уште четири нови случаи на коронавирус во општините Дебар и Центар Жупа се воведува ограничување на движењето. Владата соопшти дека на тие што не ги почитуваат препораките за спречување на ширење на болеста им се заканува казна затвор.

Поради новата ситуација Владата воведе кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако во Дебар беа утврдени уште четири случаи на коронавирус.

Од 24 луѓе што биле во домашна изолација во градот, 10-мина денеска биле тестирани, а кај четворица од нив била утврдена болеста, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на заедничка прес-конференција со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. Во Дебар и во Центар Жупа ќе има ограничување на движењето.

„Согласно Законот, во следните 24 часа ние веќе закажавме седница на Комисијата за заразни болести и на Управувачкиот комитет, уште една во тек на попладнето за да се разработи оперативниот план, за детали во однос на тоа како ќе се функционира во рамки на овие општини, каде сега е кризна состојба.

Врз основа на тие заклучоци и мерки, кои ќе се донесат во текот на попладнето, на прес-конференција или со соопштение ќе ја информираме јавноста“, рече министерот Филипче.

Владата денеска донесе одлука со која на тие што не ги почитуваат препораките за спречување на ширењето на коронавирусот им се заканува казна затвор.

„Да се спроведуваат препораки за казнивост согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик за сите физички и правни лица кои ги прекршуваат донесените решенија од страна на Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат, и да се процесуираат до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за да постапи согласно законски утврдени надлежности“, се наведува во соопштението на владата.

Овие членови од законот предвидуваат парична казна или затвор до една година за „тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“.

Претходна статијаКанадска компанија ја создаде вакцината за Корона – чекаат да се тестира на луѓе, па да почнат производство
Следна статијаПознато колку време може да преживее Коронавирус – во воздух три часа, а на останати површини со денови