Двајцата странци што беа во карантин во хотел во центарот на Скопје немаат коронавирус, покажале тестовите на кои тие беа подложени денеска откако пријавиле симптоми на настинка.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата претходно денеска, се работи за еден државјанин на Австралија и еден на Сингапур, кои во земјава пристигнале на 28 февруари со авион на „Визер“ од Келн.
По пријава на хотелот во кој престојувале, епидемиолозите од Центарот за јавно здравје – Скопје од пациентите земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба, каде тие останаа до добивањето на резултатите. Попладнево ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата.
На Деве Баир денеска ќе помине автобус со 20тина туристи од Сингапур и Јапонија кои биле во Романија и доаѓаат во нашата земја.
Здравствените власти биле известени од туристичката агенција која е ангажирана за нив и на граница ќе бидат пречекани од епидемиолог кој ќе им направи анкета а ќе добијат и препораки каде да побараат помош доколку добијат симптоми слични на вирусот.
Филипче вели дека засилената контрола на туристите е поради фактот што во Романија има десетина заболени со ковид 19. Препораките за продолжување на мерката да нема масовни собири до 13 март, Филипче вели дека апелот е повеќе за настани каде се очекуваат и странски гости а не за локални собири. Наредната недела, пак, двете најголеми политички партии имаат закажано конгреси и промоции.
Нема нови тестирани пациени за коронавирус (КОВИД-19) во изминатото деноноќие, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Единствената пациентка заразена со коронавирус е во стабилна состоjба, негативен е тестот, што значи дека таа веќе не може да ја пренесе болеста, но согласно протоколот, таа денес или утре повторно ќе биде тестирана. За КОВИД-19 е тестирана и нејзината ќерка, но тестот е негативен.