Кога бев дете многу добро се сеќавам дека 8 март беше голем и значаен празник дома. Татко ми и’ купуваше голем букет цвеќе на мајка ми, а понекогаш и нешто друго, а и мене не ме забораваше.
Секогаш имаше некакво изненадување и за мене, било да се шнолички или фустанче, секогаш се радував кога ќе дојдеше овој ден.
Во училиште десет дена претходно се подготвувавме за овој ден. Учевме песнички за мајките, подготвувавме приредби, правевме честитки, сечкавме колажи и се натпреварувавме кој ќе изработи поубава честитка со најубаво шарено цвеќе.
Вакви честитки со посвета за честит 8 март правевме не само за мајките, туку и за нашите баби. Па после свечениот ручек дома со семејството, навечер одевме на гости прво кај едната баба, а потоа и кај другата.
Освен цвеќе и честитката, им подарувавме и шамии, некој сервис за кафе, некое тенџере или слично. Еееее беа тоа времиња. Многу го сакав празникот 8 март.
Откако се омажив, овој празник заврши за мене. Родив тројца синови и сите одат по стапките на татко им, за жал.
Кога беа помали, сакале нејќеле од училиште ќе донесеа некоја честитка, зошто сè уште се беше задржала традицијата во училиштата за изработка на цвеќе од хартија и честитки за овој празник.
Дури, и бев на една продажна работилница која беше организирана во склоп на училиштето, по повод 8 март. Ама тоа беше многу одамна, сега не знам како е во училиштата и дали сè уште го одбележуваат на таков начин овој празник.
Јас веќе 20 години не сум добила никаков подарок од маж ми. Тој вели дека овој ден е големо понижување за жените и како на шала демек, не заборава да спомене дека жените е најарно да си седат дома а не да одат на работа. Дури, го научил и помладиот син кога ќе дебатираме на оваа тема, да вели – зошто и мажите немале некој свој ден?
Попусто се обидував на децата да им го објаснам вистинското значење на овој ден и зошто се празнува, дека не е она што тие си мислат, дека не е само ден на жената кога таа треба да се третира како кралица. Не, не е така, има нешто повеќе и од историското значење, но и за традицијата која по мое мислење беше преубава кога јас бев млада.
И така, 8 март за мене е и како и секој друг ден – станувам наутро, нема честика на маса, нема кафе сварено, нема ништо од она што се сеќавам дека мајка ми го добиваше кога јас бев дома. Ама лани ми се случи нешто што досега во овие 20 години не ми се случило.
Се облекувам и тргам на работа со автобус, а по пат непознати дечиња гледам со цвеќе во рака како одат да и го честитаат празникот на својата учителка, а патем ми го честитаат и на мене. На работа нèпуштаат малку порано, а оние жени кои си уплатиле прослава или патување, си заминуваат уште порано. Јас често останувам и прекувремено на овој ден…
Уморна и исцрпена од приказните на сите мои пријателки и колешки, која – што добила од својот сопруг, каде ги однеле нивните мажи на вечера, на фризер, на патување… што ли не…
Со испран мозок, а можеби и малку љубоморна на сите нив (порано лажев дека и мене маж ми купува подароци, ама после се откажав, бесмислено е, нели), си доаѓам дома и веќе од ходникот слушам врева во нашиот стан, ама тоа е вообичаено, си велам, момците пак гледаат фудбал или нешто слично…
Ништо не ми наговестуваше за она што следеше, за драмата што ја доживеав и сцената во салонот кога влегов дома.
Голем букет цвеќе, некаква икебана, што ли беше не знам, завиткана во кутија во силно црвена машна. Малку е ако кажам дека се вкочанив и останав без зборови. Гледам и мислам што е ова, од кого ли е, за кого ли е…Сите молчат и ме гледаат чудно.
Сигурно е некоја грешка, тоа беше првата мисла која ми помина низ глава! А потоа си помислив дека сепак, можеби е за мене. А што ако е за мене? Од кого би можело да биде, па единствено татко ми сè уште ми’ го честиташе овој празник, ама тој е веќе многу стар и веќе се слушнавме на телефон, ми честиташе, а и пензијата му е многу мала и целата ја троши на внуците.
И после ме обли ладна пот кога видов дека момците стојат и гледаат во мене како да чекаат јас да им објаснам што е ова на масата. Од следната мисла речиси ми се слоши: Како сега да му објаснам на маж ми дека немам љубовник! И онака постојано ме обвинува дека сигурно имам некој, штом толку сакам да одам на работа.
Тој сигурно ќе помисли дека цвеќево ми го испратил некој си швалер, а тој е единствениот маж за кој знам целиот мој живот! Кој ли сега ќе го убедува… И, ми преседна и 8 март и сè!
Но, она што следуваше, не можев да си го замислам ни во најлудите соништа. Замислете, букетот бил од мојот маж! Но, како? Што се случило? Тој онака како посрамотен, ми пријде и ми го честиташе празникот и само онака ми рече: Ова е за тебе од нас!
Јас за малку ќе се онесвестев од среќа и од радост и почнав да го гушкам летајќи од среќа, кога тој ме поли со ладен туш: Неговиот шеф кога слушнал дека никогаш ништо не ми подарил за 8 март, го фатил за рака и го натерал да ми купи цвеќе и парфем, а потоа да ми нарача и вечера.
Ох, Боже мили, што ли ме снајде тој ден, каков стрес претрпев. Се надевам дека оваа година ќе биде пак по старо, не сакам вакви изненадувања и стресови!
И.П. Фото: Илустрација
Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.