Германија од утре „во голема мера“ ги затвора своите граници со Франција, Швајцарија и Австрија, за да го запре ширењето на коронавирусот, потврдија владини извори.
И Австрија најавува слични мерки, односно од вторник на полноќ ќе ги затвори своите граници за слободен патнички сообраќај кон Швајцарија и Лихтенштајн.
Германската граница ќе биде затворена утре во 8 часот изутрина. Стоката и тие што патуваат поради работа ќе може да ја минуваат границата.
Целта е да се спречи ширењето на коронавирусот, но и паника, пренесува Би-Би-Си.
Во Германија има повеќе од 5.300 заразени луѓе, а 10 досега се починати. Германија, која строго се придржува кон Шенгенскиот договор, се соочи со притисок да ја затвори својата граница.
Владите на Германија и САД се борат за влијание врз германската компанија CureVac (КјурВак) која работи на развој на вакцина за новиот коронавирус, пишува германскиот весник Велт.
Цитирајќи анонимни извори, весникот тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп им понудил огромни суми пари на германските научници кои работат на вакцината. Тој сакал да ги обезбеди ексклузивните права на нивната работа.
Германското министерство за здравство попладнево го потврди извештајот на Велт, и дополнува дека се прават напори вакцината да остане на европско тло. Според Велт, Трамп со сите сили настојувал да ја обезбеди вакцината само за САД, и „единствено за САД“, вели анонимен извор во германската влада.
Од друга страна, германската влада на компанијата и нуди финансиски поволности да остане во земјата.
„Германската влада е многу заинтересирана развојот на вакцините и третманите против новиот коронавирус да се реализираат во Германија и Европа“, вели портпаролот на германското министерство за здравство.