Пожарникарите од Кочани 12 часа без престан херојски се бореа со она што и го направија земјоделците

0

Вчера, Кочанската противпожарна единица имаше рекордни 16 интервенции само за 12 часа. Од 10 до 22 ч. Единицата во полн состав непрекинато гасеше пожари на сите делови од Кочанско Поле.

– Гореше полето кај селата Прибачево, Мојанци, Грдовци, Чешиново, Оризари. Земјоделците не се откажуваат од нивните навики за спалување на стрништата, а вчерашниот ветар дополнително ја усложни состојбата, па Единицата со сите расположливи човечки и технички ресурси гасеше неколку пожари одеднаш. Само вчера изгореа 35 хектари, а оваа седмица околу 50 хектари земјоделски површини – соопшти Благојчо Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Во доцните вечерни часови огнот стигнал само на стотина метри од бензинската пумпа кај Чешиново. Пожарникарите со огромен напор спречиле катастрофа.На магистралниот пат, помеѓу Облешево и Чешиново, огнотсе споил од двете страни на полето, па имало застој во сообраќајот и полициска интервенција. Од разбеснетиот пламен биле спасени и делови од оранжериите „Добра“.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев ги повикува надлежните институции да ги преземат соодветните мерки и да побараат одговорност од сите што ги доведуваат во опасност безбедноста, здравјето и животот на жителите не само на Кочани, туку и на поширокиот регион.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски апелира земјоделците да не ги палат нивите и стрништата. Со нивното палење, како што вели, не само што предизвикуваат еколошка штета и опасност од непосакувано проширување на пожарот, туку ги уништуваат и органските материи кои се битни за подготовките на почвата и додатоците кои се потребни за зголемување на хумусот во земјата.

-Тоа е нешто што за жал се повторува и покрај сите апели. Земјоделците по некоја навика ги палат нивите со ориз и житни култури, мислејќи дека со тоа постигнуваат подобар ефект, но со тоа прават штета на површината со согорувањето на една органска материја кјоа е многу битна за подготовката на почвата, рече Димковски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во МЗШВ.

Тој посочи дека постојат средства кои ја разградуваат целулозата и додаде дека земјоделците со палењето на стрништата не прават само еколошка штета, туку ги уништуваат и додатоците за зголемување на хумусот во почвата.

Претходна статијаСведоштво на носител на Корона директно од болница: Ни на крај на ум не беше, кој за себе би помислил
Следна статијаСопругот на познатата балканска текстописка доаѓа во Скопје да го брани Боки 13