Бев млада и незрела, не знаев некои работи што сега ги знам. Можеби и немаше кој да ме посоветува. Мајка ми беше стара, а на татко ми не се ни сеќавам, одамна не е меѓу нас.
Според возраста на моите родители, секогаш се сомневав дека сум посвоена или дека на некој чудотворен начин, конечно, успеале да ме добијат мене, на стари години. Веројатно, тоа многу ги чинело, бидејќи откога знам за себе живеам во сиромаштија.
Отсекогаш знаев и со некое парталче убаво да се дотерам, па не ми беше тешко во животот и доста лесно се снаоѓав.
Ама не бев таква девојка да ги искористувам машките. Уште во прва средно се вљубив во едно момче и оттогаш сме заедно. Првата љубов е најсилна и никогаш не се заборава.
Многу ни беше убаво заедно, млади, вљубени, популарни во училиште иако сиромашни… јас бев сиромашна, а тој посиромашен од мене. Ама на тие години тоа не ни беше никаков проблем, се сакавме и тоа ни беше доволно за да бидеме најсреќните во целиот свет.
Ама, кога пораснавме, завршивме средно школо и немавме пари ниту услови да се запишеме на факултет. Сите наши другари се запишаа кој на Кирил, кој на некој Европски колеџ, некои заминаа и во странство да студираат, некои во скапи приватни факултети…
Само јас и тој останавме со прстот во уста да безделничиме. Тој најде некоја амалска работа на црно, кога 8 кога 10 илјади ќе земеше, а јас како продавачка во бутик во Лептокарија за 6 до 10 000 илјади, на пробно.
Кога завршија неколку месеци пробно и кога требаше да ме пријави, газдарицата ме отпушти и си најде ново девојче. Мизерија до немајкаде. На мајка ми пензијата не стигаше ни за сметките да се платат, а каде е храната, облеката…
И така, после 5 години врска, мојот сакан дечко ме седна и ми рече дека можеби е најдобро да раскинеме, дека јас сум била убава и дека сум можела да се омажам за некој богат.
Да не сум се врзувала за него, зошто тој не гледал иднина за себеси во оваа држава, дека не можел да ми пружи пристоен живот, дека двајцата сме бедотија и дека мора некако да се снајдеме. Да не проаѓаат нашите деца низ она што ние поминуваме.
Ми кажа дека ме сака најмногу во свет и дека нема да сака ниедна веќе како мене и ако сум сакала да сум размислела за овој негов предлог, да не избрзувам, дека само предлог е.
Не знам тогаш тој што размислуваше, дали беше искрен или само ме ставаше на тест, важно јас ја направив мојата најголема грешка во животот. Му се налутив во себе, ама тоа не го покажав. Му реков дека е во право, дека и јас сум размислувала на тоа (го излажав, никогаш не размислував така) и дека најдобро е да раскинеме.
И така раскинавме после пет години огромна љубов. Плачеше тој, плачев и јас, таа болка никогаш нема да ја преболам, ама веројатно, моравме така… Престанав да му се јавувам, престанав да излегувам, не му одговарав на пораките и само плачев.
Така поминуваше времето, а еден ден преку интернет се запознав со едно симпатично момче од Австралија. Почнавме да се допишуваме и тоа траеше неколку месеци.
Набрзо тој ме побара за жена, а само на камера се имавме видено. Рече дека ќе дојде по мене овде во Македонија, за да се запознаеме во живо, да средиме документи и што поскоро и јас да дојдам кај него во Австралија.
Се согласив, си помислив, еве конечно добра прилика да избегам од овде и да се снајдам, дечково може не е многу богат, ама не е ни сиромашен, ќе немам маки со пари.
Да, ќе ја оставам мојата стара мајка, ама редовно ќе и праќам пари колку што можам. Тоа си го помислив и се согласив. Тој дојде тука, се венчавме иако не чувствував ништо за него. Ама, нели, тој требаше да ми биде излез од мојата сиромаштија, па не размислував многу.
После некои шест месеци отидов во Австралија и за малку ќе се онесвестев кога видов каде сум отишла и за кого всушност сум се омажила.
Маж ми беше исто сиромашен како и јас, ама сега беше веќе доцна, ме остави бремена.
Што да ви кажам, не ми се зборува веќе од кнедлата во грло што ја имам. Еве, осум години сум во Австралија, родив четири деца и бремена со петто. Живееме од социјална помош и детски додаток, поточно, за овие стандарди овде, едвај преживуваме.
Не сум ни гладна, не сум ни жедна, имам кров над глава, ама не е тоа-тоа поради што си го напуштив мојот сакан дечко.
Ниту бев на погребот на мојата мајка, не можев да соберам пари за карта. Ништо не излезе онака како што планирав.
Мојата љубов никогаш нема да ја прежалам, тој колку што разбрав никогаш не се оженил.
Собрав сили, го најдов на Интернет, па некогаш скришно се слушам со него. Колку што можам да сфатам според неговите зборови, никогаш и нема да се ожени. Штета, штета голема за нас двајцата. Кога само би можеле да го вратиме времето назад, ама сега е доцна за сè.
И.П. Фото: Илустрација
Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.