Двајца пациенти попладнево скршиле прозорец и избегале од штипската болница каде се пријавиле по скорото враќање од Италија, потврди за Телма министерот Наќе Чулев.
Станува збор за маж од Виница и за неговата партнерка хрватска државјанка кои пред неколку дена стигнале од Италија.
Мажот имал симптоми, и двојката тргнала во Штип на инфективното одделение. Таму пациентот станал агресивен и двајцата избегале откако го искршиле прозорецот.
Откриени се во нивниот дом во Виница, каде според МВР полициски тим заедно со експерти од институтот за јавно здравје се обидуваат да ги вратат назад во болницата.
Возачот на комбето со кое се превезувала патничката заболена од коронавирус е пренесен во изолација во струмичката болница откако се пожалил на болки во градите и кашлица. Неговата состојба во моментов се анализира, а резултатите ќе бидат познати уште вечерва.
„Спроведен е на посебен начин со целата заштитна опрема во соба за изолација во болницата во Струмица, земени се материјали за анализа. Тој уште првично е сам дома, немал контакти ни со семејството, заради тоа што сам ја контактираше нашата служба се информирал од медиумите кога пациентката беше хоспитализирана.“, вели Филипче.
Резултатите на третиот пациент кој денеска се испитуваше се негативни, а состојбата на пациентката со коронавирус и натаму е стабилна информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Тој ги повика граѓаните да не креваат паника а воедно најави и дека ќе се проверува состојбата со количините и цените на заштитните маски и дезинфекциони средства откако во јавноста имаше информации дека тешко може да се најдат во аптеките и дека нивната цена се зголемила за неколкупати. Филипче рече и дека Владата ги прифати предложените мерки за препораки за откажување на јавни собири до 6 март.
„Се откажуваат конкретно Струмичкиот карневал, карневалот Прочка во Прилеп, им препорачуваме на организаторите на спортските настани, натпреварите да се одигруваат без публика. Ова го кажуваме конкретно и специфично за овие два карневали и спортските настани во однос на публиката заради тоа што очекуваме на тие настани да дојдат многу луѓе од регионот на северна Италија. “, рече Филипче.