Лекарите и медицинскиот пероснал на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница се подготвени во случај да имаат сомнителни случаи на заболени или лица кои биле во контакт со заразени од коронавирусот, а кои евентуално би се сместиле во изолацискиот центар на ова одделение.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека како една од превентивните мерки е и тоа што од денеска во болницата е забранета посета на пациентите на сите одделенија. Тој поднел и барање за добивање маски, заштитни наочари и скафандери за персоналот, а дополнителна набавка врши и болничката аптека.
Задолжена е болничката аптека да обезбеди доволно количини на дезинфекциони средства за подови, површини, раце. Доволни количини на инфузиони раствори и лекови и сè она што ние треба да го имаме како болница, вели Ѓеорѓијев.
Тој апелираше на социјалните мрежи да не се шири паника и да се креираат лажни вести во врска со корона вирусот, а граѓаните единствено треба да ги следат препораките на надлежните институции.
Се уште не е прецизирано до крај како ќе тече постапката, но некои работи, посочи, ќе се решаваат во зависност од бројот на евентуално заболени. Според него, јасно е дека ако има поголем број пациенти тоа подразбира целосно затворање на инфективното одделение за останатите пациенти и посебно возило за транспорт до Инфективната Клиника во Скопје ако се утврди присуство на вирусот.
Медицинскиот персонал вчера попладнето имал и обука, а на штипското Инфективно одделение во моментот работат тројца лекари инфектолози, но им помагаат и двајца општи лекари, додека за пациентите се грижат 11 медицински сестри.
Во Штип корона вирус нема да се лекува туку сомнителните случаи само ќе се изолираат, појасни денес директорот на Клиничката болница д-р Ален Георгијев.
“Доколку се случи некој да има инфициран, лицата кои биле во контакт со него ќе се сместат и следат во Штип. Сите потврдени случаи на корона , се препраќаат на Инфективната клиника во Скопје“, објасни д-р Ален Георгијев, директор на Клиничка болница – Штип.
Во меѓувреме, штипската болница го очекува потребниот материјал за заштита на персоналот од евентуална појава.
„Очекуваме да добеме заштитни обувки, маски и скафандери, а ние како Болница ќе обезбедиме доволно средства з адезинфекција, инфузиони раствори и лекови“, дополни д-р Георгијев.
Потврден е првиот случај на заболен од коронавирус во земјава. Станува збор за пациентка, родена 1970 година од Скопје, која одреден период престојувала во Италија.
Ова го соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, на заедничката прес-конференција во Владата, на која се присутни и премиерот Оливер Спасовски и д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.