Ова е поучна приказна за еден млад маж кој тукушто се оженил за својата убава, сакана сопруга. Тој рано останал без татко, па целиот свој живот, и арно и лошо, го поминал со мајка си.
Неговата стара мајка била веќе изнемоштена, бидејќи во младоста не се штедела. Работела сè и сешто само за да му овозможи на својот син школување и пристоен живот.
Долги години работела како хигиеничарка во основното училиште, а после работа одела да чисти по куќи. Од хемикалиите и тешката работа, брзо го изгубила здравјето, а кожата на рацете и се издамчила и збрчкала.
Сега, кога била немоќна и пензионирана, везден седела во некој агол од собата за да не им пречи на младите и само се молела да остане доволно долго жива за да се израдува на внучињата.
Помагала колку можела во кујната, готвела и миела садови, а синот ја предупредувал да ги слуша советите на докторите и повеќе да одмора.
Еден ден, додека ручале сите тројца, одеднаш неговата сопруга станала, го напуштила јадењето и си отишла во спална. Мајка му му’ рекла:
“Сине, оди види да не е болна, нешто да не и се слошило. Немој да заспие гладна. Сине, внимавај на својата сопруга”.
И тој си помислил дека неговата сопруга е нешто болна, па отишол по неа во соба. Ја прашал:
“Љубов моја, дали си добро? Да не си болна? Зошто не јадеш со нас?”
А таа му одговорила:
“Не можам. Кога ќе ги видам валканите раце на мајка ти, веднаш ми се одјадува. Не можам да јадам.”
“Ама нејзините раце не се валкани, само се збрчкани. Само таа си знае колку тешки работи мораше да работи, за да може мене да ми обезбеди храна, школарина и навремено платени сметки. Баш тие раце што мене ме подигнаа, тебе ти пречат?”
Па ја прашал: “Што предлагаш, што да правиме?”. На тоа таа му одговорила:
“Најдобро е да ја сместиш во старечки дом!”
Тој и рекол: Не грижи се љубов моја, штом е таква работата. Ти си ми најважна, само ти да си добро. Утре тоа ќе го решиме. Ама, прво не заборавај дека сме поканети кај мајка ти и татко ти на ручек.
Ќе одиме прво кај нив, а кога ќе се вратиме, ќе ја однесам мајка ми во старечки дом. Утре ќе ја однесеме и мајка ми кај твоите, како проштален ручек да ни биде, и таа да се израдува малку со семејството.
Дошол новиот ден, па тој со својата сопруга и мајка заминале на гости кај семејството на неговата драга сопруга. Поседале малку во претсобјето и салонот, а потоа сите заедно се упатиле во трпезаријата каде имало голема маса богато наместена со храна во изобилие.
Меѓутоа, на софрата не се појавила неговата мајка. Со шепотење ја прашал сопругата што се случило со мајка му, каде е и зошто не дошла да јаде со нив. На тоа, таа му одговорила:
“Не грижи се, таа јаде сама во другата соба!”
Тој ја прашал: “Дали ти и рече да остане сама во другата соба?” Таа му одговорила: “Да!”
Набрзо на масата разговорот го започнал неговиот дедо. Рекол:
“Зете, ти знаеш дека нашата ќерка е единица и дека и ја посакуваме сета среќа на овој свет. Еден ден сето ова што го гледаш, оваа палата ќе и припадне на нејзе. Ама сега, додека живее со тебе, таа има право да живее сама со својот маж во куќата. Затоа, од тебе очекуваме да најдеш решение за својата мајка”.
Тој кратко одговорил: “Веќе на сопругата и ветив дека тоа ќе го решиме денес. Не грижете се.”
Јадењето било поставено. Сите започнале да јадат, освен него. Дедото тоа го забележал:
“Зете, што е со тебе…Зошто не јадеш?” Тој рекол:
“Не можам. Кога ќе ги видам вашите валкани раце, не ми се јаде… Вашите раце се валкани исто колку и вашите срца!”
Неговата сопруга останала запрепастена. Тој станал и влегол во собата каде била мајка му, клекнал покрај неа, ги бакнал нејзините раце, заплакал и рекол:
“Ајде мајко, да си одиме!”
Старицата прашала:
“Ама сине, каде одиме?” го прашувала зачудено, зошто ништо не разбрала што се случило во другата соба.
“Мајко, подалеку од овде одиме, да се спасиме мајко од ова зло. Си одиме во нашиот рај, си одиме дома мила мајко, ако ме примаш со себе.”
И.П. Фото: Илустрација
Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.