Теодора Трајковска е 21 годишна девојка која пред 11години, по 9 месечно лекување успешно ја победила леукемијата.
Таа денес е волонтер во здружението „Сано“ кое им помага на сите дечиња кои се борат со болеста. Трајковска раскажува дека во Клиниката за детски болести се дружи со дечињата и нивните родители со цел – како што вели, барем малку да им го олесни процесот. Им порача да бидат силни и со позитивни мисли, бидејќи само така ќе се изборат со болеста.
“Дефинитивно најважна е психолошката поддршка, бидејќи во тој процес и родителите и децата многу се психички паднати бидејќи сепак се работи за нивниот живот.
Најчесто децата се на помала возраст и толку не ја разбираат ситуацијата во која се наоѓаат. Но, за разлика од нив, родителите се свесни за сè што им се случува и баш на родителите треба да им дадеме психолошка поддршка, бидејќи ние како волонтери веќе сме го поминале целиот тој процес и знаеме што и како се случува, кои се нус последици од терапиите и секогаш ги тешиме дека мора да гледаат позитивно на целиот тој процес”, вели Теодора Трајковска.
Во моментов на Клиниката за детски болести во Скопје има 20 дечиња кои се борат со карцином. Статистиката покажува дека процентот на излекувани дечиња е речиси 90%.
Од Министерството за здравство информираат дека во тек се завршните подготовки за да се овозможи трансплантација од несроден дарител за деца.
“Би им порачала на сите, кои се моментално во болниците, да бидат силни, да се со позитивна мисла и дека сета таа голгота ќе заврши со среќен крај”, порачува Теодора Трајковска.
Денеска е Меѓународен ден посветен на дечињата кои се борат со канцер. Во Градскиот Парк дојдоа многумина граѓани, волонтери и средношколци да им дадат поддршка на малите херои.
На одбележувањето присуствуваше и министрот за здравство Венко Филипче кој посочи дека изминативе две години направиле значаен чекор во борбата со малигните заболувања кај децата.потенцираше дека значајно се зголемил бројот на достапна терапија во Клиниките.