„Животот е многу краток, живејте го без стрес, опкружени со пријателите и семејството. Иако многу луѓе сметаат дека материјалното богатство е најважно за среќа, не е така. Животот е среќен кога делиме убави моменти со најблиските и само за тоа вреди да се живее.“
Ова е пораката на триесет и едногодишниот Јетон Исмаили од Гостивар, еден од преживеаните патници во страотната автобуска несреќа од 13 февруари, лани.
Една година по трагедијата што ја стресе цела Македонија и пошироко, младиот гостиварец зборува за ужасното искуство, мислите кои во тие моменти му дошле во глава и хуманоста на оние кои помагале да се извлечат повредените.
„Се качив во автобусот од Скопје, како и секој ден, затоа што секојдневно патувам од Гостивар во Скопје на работа. Така беш со поголемиот дел од патниците, па меѓу нас постоеше дружба и блискост. Се` беше вообичаено, некако сите беа насмеани, да речам позитивни.
Седнав на седиштето и нешто гледав, пишував на мобилниот телефон. Автобусот тргна накај Гостивар, јас бев задлабочен во телефонот кога одеднаш слушнав вриштење, пискање и се прашав „што се случува“. Го пуштив телефонот и сакав да станам да видам што се случува, кога во тој момент од десната страна нешто силно удри во мене. Дали беше човек, дали беше некое столче, не знам ни самиот.
Тука ми се изгуби свеста и веројатно сум бил во таква состојба некои 40-тина минути. Кога се присвестив, автобусот веќе беше паднат долу, не можев да гледам, пред очи ми беше се` затемнето. Сфатив дека сме имале страшна несреќа. Тоа беа многу тешки моменти.
Слушав гласови како кажуваат дека има многу починати, повредени, а некого не може ни да го најдат. Немав сила, дури не можев ни да повикам помош. Сепак, во еден момент некако ми се врати силата и со ногата удрив едно железо. Ме слушнаа и први дотрчаа неколку жители на Ласкарци, ме најдоа заглавен и се обидоа да ме извадат, но немаа алатки, па повикаа пожарникари. Сега ги знам и нивните имиња, тоа беа пожарникарите од Тетово Фариз Џемаили и Ука Алити кои ги исекоа железата и успејаа да ме извлечат“, раскажува Јетон.
Откако бил изваден од автобусот, веднаш со амбулантно возило бил пренесен во болница. „Додека ме носеа накај болница, ми дојдоа мисли на моите дома, на моето семејство, си реков сигурно многу се грижат. Го извадив телефонот и видов дека сум добил многу пораки и повици.
Имав толку сила да напишам некоја порака дека сум добро, дека сме имале мала несреќа, затоа што не сакав да ги испаничам и загрижам премногу.“, вели гостиварецот.
Јетон имал повеќе повреди и во болница го лекувале околу две недели.
„Му благодарам на Господ што ме чувал и ете јас денеска сум жив и здрав, можам да бидам заедно со семејството, сопругата, мојата тригодишна ќерка“, рече тој за крај.
Несреќа на патот Тетово-Скопје, кај селото Ласкарци однесе 16 човечки животи. Утре се навршува една година.
Извор: Гостиварпрес