Во услови на проблеми со перспективата на младите, на претприемачите кои имаат идеи но, немаат доволно поддршка за развој на идеите и на квалитетните кадри кои шансите ги гледаат некаде надвор од Македонија, многу позитивен пример на обратен процес е тој на Карстен Броих, претприемач роден во Германија, кој се образувал и работел насекаде на светот, за сега да работи и живее тука развивајќи ја сопствената компанија.
Броих идејата ја основање на бизнис во Македонија ја добива сосема случајно. Со пријателите решиле да поминат еден викенд во Скопје за ергенска забава од каде всушност и започнале првите разговори за идејата зошто да не отвори компанија токму тука.
Сега Броих е заљубен во Македонија и веќе четири години успешно го развива бизнисот со компанијата Sales Rock, компанија која нуди иновации за автоматизација на продажните процеси со пристап до огромна база на податоци со директни контакти и канали на маркетинг. Броих вели дека Скопје може да биде технолошки хаб за претприемачи од Западна Европа, лесно е да се започне бизнис, но потребно е елиминирање на папирологијата и воведување на дигитални административни услуги.
Фактор: Може да ни кажеш нешто повеќе за твојата позадина и искуство, роден си во Германија, но си работел и студирал низ повеќе земји во светот, а сега си тука во Македонија. Како ова искуство влијаеше за формирање на твојот размислување како иноватор и претприемач?
Броих: Моето патување започна во едно мало село во Германија, поминав одредено време во Австралија каде што студирав. Потоа продолжив во Холандија каде бев дел и од студентската организација „БЕСТ“, имав можност неколку пати да ја посетам Македонија и изградив конекции со луѓето.
Со самиот раст на компанијата размислував каде да го отворам вториот хаб, и веднаш Македонија ми дојде на памет. Тука луѓето совршено го користат англискиот јазик, многу се отворени за соработка, има добри конекции со летови, иста временска зона. Рака на срце имав и многу пријатели тука кои ми помогнаа да ја поставам компанијата во Македонија пред четири години.
Започнавме да користиме заеднички простор во коворкинг центар, најпрво со само двајца вработени, а како што растеше платниот список, практично го „запоседнавме“ цел простор во Ко-офис. Во изминатите четири години се функционираше одлично и решив да се преселам во Македонија, имам огромна поддршка и уживам во животот тука.
Целата сторија проследете ја на Фактор.мк