По лекарскиот преглед на обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски во судница, беше утврдено дека е способен да го следи судењето.
Докторот Сашо Петковски истакна дека пациентот може да го следи судењето, по што си замина од судница. Судијката Васка Николовска истакна дека пристигнала медицинска документација од вчерашниот преглед на Јовановски во Клиничкиот центар.
-Пристигна известување од Клиниката за гастроентерохепатологија, во кое пишува дека за Јовановски нема елементи за спреченост за да ги следи судењата и препорака да се однесе на дигестивен хирург, истакна судијката.
Таа прочита уште еден медицински извештај во кој пишувало дека Јовановски има хроничен гастрит, а малигни материјали не биле најдени.
-Ова е изживување врз мене. Ве молам кажете кој ја потпиша документацијата, рече Јовановски.
Кога судијката му посочи дека документацијата ќе му биде доставена, Јовановски инсистираше името на докторот да биде прочитано јавно, додавајќи: “Ако сакате можете да ме обесите”.
Претходно Судијката Васка Николовска Масевска прочита известување од Клиниката за гастроентеропатологија дека стручниот колегиум на доктори утврдиле дека Јовановски нема рак на желудник, по што рече дека судењето ќе продолжи.
На ваквото известување Боки со повишен тон реагираше дека се врши тортура врз него и оти не бил прегледан од комисија доктори.
Здравствената состојба на Боки беше причина и денеска во судница да настане дискусија на висок тон помеѓу адвокатот и судијката која на крај одлучи да повика Брза помош за да го прегледа обвинетиот.