Кога бев средношколка, останав бремена и одлучив да станам мајка.Поради тоа што го прекинав образованието, отидов во Германија. Воопшто не беше лесно, претежно добивав работа како чистачка. Во сеќавање ми се врежаа деновите пред првата плата кога моето момче и јас често гладувавме…. вака ја започнува својата животна приказна Дора од Хрватска.
Дора Вуксиќ од Нова Градишка, Хрватска, во декември, пред отворањето на нејзиниот мал ресторан за брза храна наречен „Peppers Sweet n’ salty“, на „Фејсбук“ напиша емотивна порака.
Ако сте гладни, а не сте во можност да платите, кај нас секогаш можете да добиете некаков топол оброк. Ќе платите кога ќе можете или никогаш. Никој не заслужува да биде гладен – напиша таа.
Еве што ја поттикнало Дора на ваков хуман гест.
Кога бев средношколка, останав бремена и одлучив да станам мајка. Поради тоа што го прекинав образованието, отидов во Германија. Воопшто не беше лесно, претежно добивав работа како чистачка. Во сеќавање ми се врежаа деновите пред првата плата кога моето момче и јас често гладувавме. Чувствувајќи на своја кожа колку е тешко да се преживее кога немаш пари, дури ни за храна, одлучив штом ќе застанам на свои нозе, да направам сѐ за луѓето, барем за оние што живеат во моето соседство, да не бидат гладни бидејќи во 21 век тоа едноставно не е дозволиво – вели 21-годишната Дора.
Во Хрватска се вратила пред повеќе од две години поради компликации во бременоста и оттогаш, како што вели, работела за неколку работодавци. Искористување на работниците, неплаќање на прекувремените часови, дрзок однос кон вработените, неисплаќање на платите – сето она што во краток период го доживеала на работните места на кои работела не сака да го доживеат и работниците во нејзиниот ресторан бидејќи покрај задоволни гости, клуч за успех, според неа, се и задоволните работници.
Имам само 21 година и ова е мое прво влегување во светот на претприемништвото. Успеав од хрватскиот Завод за вработување да добијам 55.000 куни за поттикнување на самовработувањето, но во ресторанот вложивме многу повеќе. Сепак, не сум од оние што сакаат вложеното да им се врати преку ноќ. Моментално сме четворица вработени и сите, значи и работниците и јас, имаме исти плати. Почнуваме од минималец, сите прекувремени часови ќе бидат уредно платени, а штом ќе бидам во можност, прво на вработените би им ја зголемила платата – вели младата претприемничка.
Можеби нејзината порака ќе стаса и до сите оние што, покрај толку социјално загрозени лица, фрлаат храна. Имено, во Европа, според некои процени, годишно се фрлаат дури 90 милиони тони храна.