Тасевски распали по Вишка: Го пониживте Танец, за да промовирате нов албански ансамбл за ора

Актерот Висар Вишка, инаку советник на министерот за култура Асаф Адеми, се стави во негова одбрана со коментар дека распределбата на парите за проекти во културата не може да биде совршена кога за нив одлучуваат луѓе. Тој тврди дека комисиите оваа година одлучувале целосно независно за тоа кои проекти и со колку финансиски средства да се поддржат за разлика од порано.

“Некои уште сакаат диктатура каде што еден центар, еден грст луѓе врзани ко црева меѓусебно одлучуваат за судбините на сите уметници во МК. Комисиите беа само про форма. Никогаш не може да биде совршено кога е човечки фактор. Но сега комисиите имаа тотална слобода на одлучување. И се разбира ваше право е да се пожалите на нивната одлука. Со аргументи. Силата на аргументите а не аргументот на силата”, вели специјалниот советник и актер Висар Вишка.

Културната јавност врие од негативни реакции по објавената Годишна програма за култура во петокот. Незадоволни издавачи, писатели, раководители на театри, уметници реагираат на социјалните мрежи, а најавуваат и дека официјално ќе реагираат до ресорното министерство. Врвни фестивали, на пр., Скопскиот џез-фестивал воопшто го нема во одобрените проекти. Во драмската дејност, програмата вели дека театри со повеќе од шестдецениска традиција добија смешни буџети од 500.000 денари за да направат претстава

Актерот и некогашен директор на Драмски театар, преку својот Фејсбук профил му се обрати на Висар Вишка кој застана во одбрана на министерот за култура Асаф Адеми.

„Висар ај не паламуди. Оваа држава ти дала образование и работно место во МНТ. Ми леташ орлиња наоколу, а ми збориш ко Мајка Тереза. Се загрижи за маргинизираните? Ма немој. Вчера отворале фирми во тетовско, за денес да им пуштате илјадници евра на тотални анонимуси, али битно албанци.

Министерството не е промотер на дилетантски групи, туку пред се мора да испорача врвни културно уметнички достигнувања. Го згазивте Скопскиот џез фестивал, светски бренд, да отворите нов во Тетово? Го пониживте Танец со приказна богата ко Илјада и една ноќ, за да промовирате на голема врата нов албански ансамбл за ора кој е роден вчера.

Твојот цинизам те прави примитивен и повеќе те открива кој си, отколку што те покрива. Гледаш дека колегите од театарот и уметностите се револтирани, а ти упорно изигрува невина француска собарка. Сепак, твојот презир кон нас Македонците ти избива од секоја запирка, затоа не глуми, кајшто не проаѓа. Многу колеги со кои си одел по журки, си работел ќе те занејќат поради твојот цинизам и однос. Не се брани она што е неодбранливо. Ај фати му пенал на Меси. Немаш потреба да бидеш толку искомплексиран. Барем ти не. Ама ајде де“, напиша Тасевски на Фејсбук.