Оваа жена сака да го урне Трамп: По Меланија уште една Словенка може да влезе во Белата куќа

0

Демократската сенаторка од Минесота, Ејми Клобучар, која ја објави кандидатурата за претседателските избори во САД во 2020 година, по потекло е од Словенија, исто како и актуелната првата дама Меланија Трамп.

Ејми Клобучар е внука на словенечки доселеници во Америка, а нејзиното презиме на словенечки значи шеширџија, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Нејзиниот дедо се доселил во САД од словенечка Бела Краина како дете заедно со своите родители уште пред Првата светска војна.

Ејми Клобучар е родена во Америка и поради тоа има право да се кандидира за претседател.

„Стојам пред вас како внука на рудар, ќерка на учителка и новинар, прва жена од Минесота избрана за член на Сенатот, за да ја објавам мојата кандидатура за претседател на САД“, рече Клобучар пред три дена пред своите поддржувачи во Минесота.

Таа е родена на 25 мај 1960 година. Татко ѝ, новинар и колумнист, Џејмс Клобучар, како што наведува порталот „Нашите луѓе во светот“, е роден на 9 април 1928 година во Елија, Минесота.

Тој е син на Марија Пусел и Михаил Клобучар, рудар, кого Ејми го споменува и во својата изјава.

Таткото на сенаторката дипломирал на Универзитетот во Минесота во 1950 година кога ја почнал својата новинарска кариера.

Тој се оженил во 1954 година со Роуз Хуберберг и од бракот има две деца, Ејми и Бет.

Работел за неколку медиуми во Северна Дакота и Минеаполис, а меѓу другото, бил новинар и за „Асошиетед прес“, колумнист за „Минеаполис трибјун“ и „Минеаполис стар“.

Автор или коавтор е и на неколку книги.

Од демократската партија како потенцијални кандидати за следните претседателски избори досега се пријавија петмина претенденти, од кои четири се жени.

Покрај Ејми Клобучар, тука се уште и Елизабет Ворен од Масачусетс, Камала Харис од Калифорнија и Киртстен Гилбрант од Њујорк. Петтиот кандидат е Кори Бјукер од Њу Џерси.

Претходна статијаПо синот, од вчера вработен и братот на пратеничката Мира Стојчевска
Следна статијаВознемирувачки традиции на Африканските племиња: Овие девојки се за жалење