Петнаесет годишно момче е најмладиот пациент кој е моментално хоспитализиран во болницата „8-ми септември“ по вчерашната тешка сообраќајна несреќа во која загинаа 14 лица.
Од Градската болница 8 септември попладнево соопштија дека од повредените плус двајца се на опсервација.
Директорот Христијан Костов изјави дека двајца се во критична состојба.
Прецизира дека во шок соба моментално се сместени двајца пациенти, кои се поставени на механичка вентилација со неуротраума, двајца нови пациенти кои се префрлени од Траума-центарот, како и една претходно оперирана пациентка на која и беше извадена слезината и која е во стабилна општа состојба.
– Во моментов во критична состојба се двајцата што се на механичка вентилација со неуротраума. Другите се во добра општа состојба. Двајца од пациентите се качени од Одделот од траума центарот на Одделот за инвазивно лекување заради опсервација. Едниот од нив е на 15 годишна возраст, а другиот на 40 години. Кај нив има лесна промена на крвната слика, но се под контрола и се прават дополнителни испитувања. Засега се во стабилна состојба, посочи Костов.
Нагласи дека бројката на хоспитализирани лица од сообраќајката е се уште иста 28, а промени има само во преносот на различни одделенија. Другите повредни пациенти, посочи, се во добра општа состојба.
– На еден пациент кој имаше повреда на градниот кош, односно торакална траума, претходно синоќа му беа поставени два торакални дрена и заради влошување, во смисол на отежнато дишење, беше поставен на менахичка вентилација, а за подобра контрола и опсервација од торакален хирург, беше транспортиран на КАРИЛ, изјави Костов.
Потенцира дека најмладиот повреден пациент од сообраќајката што е сместен во ГОБ „8 Септември“ има 15 години, а најстариот 65 години, а останатите воглавно се млади луѓе.
Дежурниот хирург д-р Ежевит Кдри посочи дека се надева оти лекувањето на двајцата пациенти што се префрлени во Одделот за интензивна нега ќе заврши без оперативен зафат.- Тие се префрлени на ова одделение заради интензивниот мониторинг што може да им се пружи, рече Кадри.
„Се јавуваат многу граѓани што сакаат да ја изразат својата солидарност, да дадат крв, меѓутоа можностите ни се ограничени“, вели Костов.
Повредените се на возраст од 15 до 65 години.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи денеска во 13.15 минути го заврши увидот на лице место на тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на патниот правец Скопје-Тетово, во која 14 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени.
Интензивно се работи на утврдување на сите детали кои можат да ги откријат причините за несреќата. Со оглед на тежината на самиот настан и обемот на истражни дејствија кои ќе се преземат во претходна постапка во постапувањето по овој предмет е вклучен и втор јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кој преминувајќи преку двете сообраќајни ленти излета од автопатот и се преврте во близина на стариот пат е подигнат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Mашинскиот факултет во Скопје. Заради правилно утврдување на фактите, денеска на местото на несреќата беше присутна и екипа на Mашинскиот факултет која ги направи првите проверки на исправноста на возилото. Од досегашните сознанија утврдено е дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година. По наредба на јавниот обвинител, Машинскиот факултет ќе изготви писмен вешт наод и мислење.