Елена Минчева, дадилка од Чикаго тврди дека за воспитување на среќни деца не се потребни пари.
Оваа 35-годишна жена од Русија, која е омажена и се надева дека наскоро ќе има свои деца, поминала една година работејќи како дадилка за еден од најбогатите парови во Америка. Сега, таа ги споделила своите искуства во новата книга „Дадилка на милионер“.
„Врескајќи од цел глас, Госпоѓата Мајка ме опоменува дека ’не го користам мојот мозок’ и се колне дека ќе ми даде отказ.
’Повеќе не работиш за мене. Тоа е моја куќа и не можам да те поднесам’, изговара со презир. Нејзиниот сопруг, кого го нарекувам Господин, кој сведочи на тој момент, ѝ возвраќа: ’Всушност, тоа е моја куќа. И што велиш на тоа таа да остане, а ти да одиш?’
Кавгата се претвора во уште една непријатна драма за време на мојата работа за милионерите и родители кои живеат во луксузна вила во Чикаго. Како и обично, ме користеа како пион во нивниот проблематичен однос. Работата ја добив во 2014 година и бев возбудена поради работата во она што изгледаше како „совршено семејство“, на чело со згодниот и успешен претприемач и неговата прекрасна сопруга, која некогаш работела како модел.
Релативно нова во САД, каде што стигнав од Москва, барав добро платена работа за чување на бебиња со сместување кое би ја задоволило мојата љубов кон децата. Мојата плата, од 150 долари во готово на ден, плус собата и храната за работата од 16 часа, односно помеѓу 6 часот наутро до 22 часот навечер – овозможија да штедам.
Се надевав дека тоа ќе биде долгорочно вработување. Дури и на мојот прв работен ден, ми заѕвонија алармите за тревога. Една од важните задачи беше готвењето, па подготвив тестенини и сос за децата, Изабела (8), Камерон (7) и Џек (4). Тогаш, мајката влезе во големата кујна. „Зошто не го нахрани?“, ме праша, покажувајќи на Камерон кој ништо не изеде.
Не знаев на што мисли. Луто се упати кон масата, ги фати тестенините и му ги стави во уста. „Мораш да го храниш, тој не сака сам да јаде“, ми рече бесно. Имаше седум години, но не се хранеше сам. Се прашував што е следно. Како што поминуваа неделите, повеќе бев третирана како куче отколку како дадилка. Низ мојот 16-часовен работен ден непрестано бев на нозе. Ако не бев со децата, чистев, готвев, купував, извршував домашни работи или перев облека. Немав пауза и имав право само на една слободна недела во две седмици.
Но, ако мислев дека мене ми е лошо, само требаше да ги погледнам децата. Тие едвај поминуваа малку време со своите родители, кои во поголемиот дел од времето беа или премногу зафатени или незаинтересирани да им се посветат на децата. Се чинеше дека Камерон најмногу страда. Имаше потешкотии во своето приватно училиште каде што една година чини 20 илјади долари.
Најлошиот инцидент се случи за време на неговиот престој во летниот камп, каде што еден ден чинеше сто долари, кога него и Изабела ги собра автобусот за да ги однесе. Тој секогаш бараше да го тешиме неговата мајка или јас, но родителите сакаа да стане подруштвен и повеќе да се зближи со врсниците.
„Не сакам да одам!“, врескаше детето. Еднаш се стутка до нозете на мајка му, преколнувајќи ја да не оди на вечера. Таа ги сврте своите мрачни, бесни очи кон мене и ми нареди да го земам.
„Ти си дадилка, но очигледно немаш поим што да правиш со него“, ме напаѓаше.
Мажот експлодираше од бес: „Ти си мајка, не знаеш што да правиш со сопствениот син“, ѝ викаше. После 10 месеци работа кај нив, знаев дека морам да си заминам. Зошто воопшто седев толку долго? Не беше работата само во парите, јас сакав предизвици и сакав некако да им помогнам на децата, да ги променам работите.
Но, не сакав повеќе да бидам инструмент во нивните кавги, па конечно дадов отказ, го спакував куферот и си заминав. Од тогаш сум среќно вработена кај луѓе кои многу работат, но немаат милиони за да се расфрлаат со нив“, заклучила оваа дадилка, пишува Daily Mail.