Тој е тинејџер кој има само 16 години, но реално ја гледа сликата на животот, и како што самиот вели животот е суров…
Стојам на страна и гледам…
Понекогаш ми доаѓа на глас да заплачам кога ќе погледнам каква е состојбата во нашата држава. Секој ден се надевам дека еден ден ќе биде подобро.
Се будам, сонував уште еден во низа неостварени соништа. Гледам како фрижидерот е полн со намирници кои ни обезбедуваат живот.
Сите сме сложни и сме заедно. Мајка ми и татко ми брзаат за на работа, бидејќи не сакаат да задоцнат ни минута.
Се тргам од тој сон и сваќам дека доцнам за појадок, а за појадок буквално ништо. Татко ми невработен седи во фотелјата и ги слуша лагите на таканаречените политичари со купени дипломи. Секој ден кажуваат нови лаги со кои им го перат мозокот на луѓето.
Брат ми, дипломиран физиотерапевт, работи како келнер во еден стар ресторан. Луѓето немаат ниту за леб додека тие се богатат. Мајка ми е единствената која не одржува во живот, таа е вистинскиот столб на семејството.
Државата ни е таква да со дипломата од некои факултети можеме само да избришеме прашина.
Воопшто нема работа бидејќи сите работни места се пополнуваат преку врски, доволно е само да се однесат пари во некое скапоцено шише алкохол и од понеделник почнуваш со работа.
На девојките пример за успех им станаа спонзорушите и старлетите, а на момчињата криминалците. Се повеќе и повеќе има некултурни и безобразни луѓе, нормално и необразовани.
Кога утре би паднал на улица, никој не би пришол да ми помогне, само би ме прескокнале. Образовните институции личат на естрада, голи стомаци, кратки сукњи, пирсови, само уште микрофонот фали.
Во мојата куќа ниту еден ден не поминува без караници и расправии. Позајмуваме да за вратиме заем и така во недоглед.
А јас.. стојам на страна и гледам.
Сфаќам дека буквално ништо неможам да направам, немоќен сум и мал. Никој не сака да ме слуша… И покрај се останувам позитивен, млад бунтовник кој верува во подобро утре.