Потресна исповед: Не измами, не остави на улица и без храна

0

Маја Китановска е една од ракометарките кои летово се приклучија на новоформираниот клуб ЦЕМС. Влегла со амбиции и со позитивни очекувања, арно ама заедно со времето се трошела и надежта дека нешто од најавеното ќе биде остварено. Два и нешто месеца по почетокот на работењето на клубот и таа е една од ракометарките кои револтирани си заминаа од клубот, заедно со тренерите, но таа дополнително поминала лична драма, предизвикана од претседателот Бојан Захариев.

Маја доаѓа од Делчево, па во преговорите со ЦЕМС, поточно со Захариев, ѝ било ветено и сместување. Ни раскажа како тоа не сaмо што не се остварило, туку клубот не ѝ подал рака дури и кога останала на улица.

„Првпат се слушнав со Бојан во јули, телефонски, го прашав за услови и ми кажа дека ќе имам сместување, храна и се разбира разговаравме за финансискиот дел. Во август дојдов во Скопје и потпишавме договор на една година, со договорена сума, договорено сместување за цела година, три оброци дневно… Три дена подоцна почнавме со подготовки, тој нѐ смести во еден хостел мене и уште две девојки од Струмица. Таму седевме една недела, а потоа, бидејќи тие две се средношколки, ги префрли во интернат. И мене ми рече да седам во интернатот во месец август, па од 3 септември – ‘станот те чека’“, ни раскажува Китановска.

Во ветениот стан требало да седат под кирија заедно со уште една ракометарка, од Неготино, која доаѓала специјално за ангажманот во ЦЕМС, за разлика од Маја и уште неколку кои студирале или биле во средно училиште во главниот град.

„ Дојде 3 септември, јас го барав Бојан, тој ретко одговараше на телефон, па по СМС ми даваше изговори од типот да се снајдам уште еден ден. И така беше додека директорката на интернатот не ме викна и ме предупреди дека морам да го напуштам, бидејќи тој е наменет за средношколци, а јас сум студентка. Бојан ми рече дека ќе разговара со директорката, но тоа не се случи, таа ми рече ‘не можеме да те држиме’ и јас останав на улица. Се вратив во Делчево и патував до Скопје за секој натпревар. Чекав, чекав за најавениот стан, ништо не се случи. Дури не ми се ни јави, туку само ѝ кажал на Лина (Треноска н.з.), нашиот тренер, дека не може да најде сместување. Јас не знаев што да правам, бев оставена да скитам, моравме сами да се снаоѓаме со цимерката од Неготино. Едвај најдовме, а тој ни вети дека ќе ни дава пари за кирија посебно од тоа што е договорено како плата од клубот. Ништо не ни даде.“, додава ракометарката

И ако пеколот без перница под главата поминал со најдениот стан, сега проблем била платата која доцнела.

„Ајде парите што не ни ги даваше, екипата немаше ни основни работи, како лепак. Пред натпреварот со Металург (6 октомври н.з.) сакавме да не играме, ама сепак отидовме, а следниот ден нѐ избрка тие што сме му биле трошок. Кога виде дека нема со кого да игра, побарал да се вратиме. Се вративме само заради Лина, затоа што се залагаше и правеше сѐ за нас. Замислете да имавме тренер, којшто е на негова страна. Имавме среќа“, зборува младата делчевчанка.

Потоа дошла кулминацијата на проблемот, кога ракометарките неповратно си заминале, а со нив и тренерот Треноска и спортската директорка Ива Стојковска.

Потоа продолжи истата приказна, се вративме за беспари, не ни кажа ни извинете. Кога и тренерите си дадоа оставка, ние бевме, речиси, сите на нивна страна, 80 отсто, освен тие пет ракометарки кои играа и викендов во Битола.“, дополни Китановска.

Посакува оваа нејзина приказна да не се случи на никоја друга девојка, особено не ако влегува во нешто со искрени намери и само наивна желба да го прави тоа што го сака. По едно вакво искуство прашање е дали воопшто ќе му се врати на ракометот.

„Ја загубив довербата, никогаш веќе нема да гледам на работите како порано. Не знам дали ќе играм повторно“, поентира левото крило.

Извор: Спорт1.мк

Претходна статијаМиа Костова без предрасуди во емисија во живо откри колку платила за силиконите (ВИДЕО)
Следна статијаВикторија Лоба до 1ТВ: Вие сте евтино трачерско дувло со естрадни квази новинари