Здраво на сите. Се викам Виолета и имам 39 години. Мажена сум и имам две деца. Сопственик сум на мала приватна фирма и за себе сметам дека сум добра сопруга и мајка. Сепак мојата свекрва не мисли така. Имено, кога се зедовме со Игор, тој веќе беше вработен додека јас го завршував факултетот. Некако се случи, со мојата диплома пристигна и Александра, мојата прва ќеркичка.
Со Александра дојдоа и непроспиени ноќи, постпородилна депресија и многу нови обврски и грижи. Ни самата не знам како, ама добив нова сила и постигнав детето да биде здраво и напредно, станот чист и ручекот секогаш темпиран да излезе од рерната кога Славчо ќе се врати од работа.
Бев горда на себе бидејќи станав вистинска домаќинка. Тогаш дојде Никола, нашето второ дете и син првенец. Ништо не се промени, работа имаше уште повеќе, а јас и натаму се’ постигнував со леснотија. Славчо имаше се повеќе работа, се појавија и службени патувања, се гледавме се поретко, но од друга страна имавме повеќе пари.
Во еден момент додека го миев прозорот, го заспивав детето и гледав ручекот да не загори, ми дојде идеја да започнам мал бизнис на интернет. Славчо ме поддржа и морално и финансиски, па така почнав да работам секој ден кога ќе ги успиев децата.
За две години работата на интернет се прошири така што бев принудена да ја вработам мојата најдобра другарка Ана, а потоа ја вработив и сестра и Ангела. Што да ви кажам…Работа преку глава, толку многу што немав време да им се посветам на домашните обврски.
Станот беше се повеќе запуштен, а прозорите беа толку валкани што веќе престанав да викам гости дома. Ова се случуваше се до оној момент кога на интернет ја прочитав статијата „Како на лесен начин да ги измиете прозорите“. Па ми дојде да ум да ја замолам сосетката Сања, како знае и умее, да ми ги измие прозорите. Сања чисти станови веќе со години, но мене никогаш не ми паднало на памет да ја прашам нешто слично бидејќи секогаш сакав да бидам совршена домаќинка.
Свекрвата веднаш негодуваше со нејзините досетки во стилот: „Туѓа рака јадеж не ја чеша“ и дека најдобро би било да ја намалам работата и да му се посветам на домот, ако веќе не успевам да постигнам и едно и друго. Одлучив сепак да пробам со сосетката, па ја повикав. Сања цел ден работеше и станот повторно беше цакум-пакум. Кога и платив и ја испратив, извршив детална инспекција.
Додека ги гледав прозорите сфатив дека никогаш веќе нема да фатам крпа во раце. Бев толку наивна и глупава. Му се докажував на мажот, свекрвата, пријателите. Сакав да бидам совршена домаќинка. Станот да ми биде под конец. Згора на се’ се трудев да одржувам линија и да му бидам убава на мажот. Во 10 навечер бев мртва уморна, а Славчо добиваше чист стан, убав ручек, здрави деца и мртов труп од жена во кревет.
Кога се’ ќе се одземе и собере, работата на домаќинката е толку невидлива и толку потценувана. Единствено што жената може да добие се: проширени вени, отечени нозе, висок притисок, шеќер… да не го набројувам непрегледниот список „признанија и ордени“.
Во својот бизнис вложив четвртина од енергијата која ми беше потребна за средување на станот и верувајте ми, драги мои, се исплатеше и се преплати! Наместо да работам Сизифова работа, времето им го давам на своите деца и мажот. Свекрвата одамна веќе ништо не ми коментира. Можеби „туѓа рака јадеж не ја чеша“, ама сигурно фантастично ги мие прозорите и ја смука прашината! Имињата се променети.
Галама: И.П.