Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, бара дозвола од собранискиот спикер, Талат Џафери, да се обрати пред пратениците на расправата за отворање на Уставот. За оваа цел ВМРО-ДПМНЕ испратило барање до Собранието со кое се бара на Мицкоски да му се овозможи обраќање пред пратениците, бидејќи тој не е пратеник.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралниот текст од барањето на ВМРО-ДПМНЕ доставено до Собранието.
Со оглед на фактот што во овие моменти во законодавниот дом се расправа за потребата од Уставни измени кои имаат суштинско влијание, политичката криза во која влегува нашата земја како и значајноста која овој период ја има за иднината на Република Македонија, како и со оглед на сензитивниот момент, вниманието и контраверзите што ја предизвика оваа дебата во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија која е во опозиција, и чиј што Претседател, проф. д-р Христијан Мицкоски не е пратеник, а со тоа е оневозможен пред народните преставници да ги изрази своите погледи и ставови кон ова чувствително прашање, испраќаме барање да се овозможи негово обраќање на тековната пленарна седница по однос на предложените уставни измени.
Ова право го овозможува Деловникот за работа на Собранието, каде согласно член 72, став 2 од Деловникот овозможува Претседателот на Собранието да (цитираме) “може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи и организации”, стои во барањето на ВМРО-ДПМНЕ.