Адвокатите на екс премиерот Никола Груевски оваа недела до Врховниот суд доставиле Барање за вонреден правен лек за преиспитување на пресудата за „Тенк“и Судот да дозволи одложување на затворската казна, се додека не одлучи по вонредниот правен лек, потврдија за порталот НОВА ТВ адвокати кои се дел од тимот кои го застапуваат Груевски.
-Врховниот суд нема рок до кога треба да ја донесе одлуката.
Исто така, адвокатите напоменуваат дека Груевски од денеска од кога го доби упатниот акт за издржување на затворската казна има право да поднесе и молба до Кривичниот суд, според Законот за извршување на кривични санкции да му се одложи извршувањето на казната. Според Законот како причини кои може да се наведат за одложување на казната затвор се „потешка акутна болест или од зависности“, „смрт или тешка болест во потесно семејство“, „грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица, за кои е должно да се грижи“.
Оваа молба Груевски има рок од три дена да ја поднесе.
-Доколку Врховниот суд пред 8 ноември кога е последниот рок до кога Груевски треба да се пријави во затвор донесе одлука за одложување на казната, осудениот нема да замине на издржување на казната, се додека Судот не донесе одлука за преиспитување на пресудата за „Тенк“. Во спротивно, Груевски до 8 ноември треба да се пријави во Шутка.
Врховниот суд има донесено одлука за одложување на казната затвор за екс премиерот Владо Бучковски кој беше осуден на три години затвор .
Груевски може да остане и без пратенички мандат
Упатниот акт за извршување на затворската казна Груевски го доби утринава во Судот каде што го чекаше почетокот на судењето за „Траекторија“. Од Кривичниот суд потврдија дека упатниот акт бил доставен во Судот, затоа што претходно имало „неуспешен обид упатниот акт да му биде доставен на домашна адреса“.
Груевски денеска ги избегна новинарите и на излегување од Судот не даде коментар.
Со оглед на фактот дека Груевски е и пратеник, собраниски извори велат дека во овој случај пратеничкиот имунитет не може да го заштити од издржувањето на казната и за неговиот имунитет нема да заседава комисијата за мандатно – имунитетни прашања. За имунитет на пратеник се одлучува само ако за пратеникот се бара притвор или е фатен во извршување на кривично дело за дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку 5 години затвор.
-Во однос на пратеничкиот мандат, истите собраниски извори објаснуваат дека на Груевски може да му се одземе пратеничкиот мандат врз одредбата од Деловникот во која пишува дека мандатот му се одзема ако „пратеникот е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција“ . Известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Одземање на мандатот според Деловикот следува и за пратеник кој „неоправдано отсуствува повеќе од 6 месеци од собраниските седници“. Отсуството на Груевски, доколку замине на издржување на затворската казна сепак ќе се смета за „оправдано“, коментираат собраниски извори за НОВА ТВ.
Целиот текст прочитајте го на НОВА ТВ.