Исповед на монахиња од Руски манастир за чудото на Пресвета Богородица

Колкава е љубовта на Мајката Божја, вистинска исповед на една монахиња, која по нејзиното претставување пред Господа ја посведочил нејзиниот духовник, според нејзинате желба додека била жива, по милоста Господова да се објави љубовта на Неговата Мајка, Пресветата Владичица наша, Богородица.

Една монахиња во еден руски манастир, поради својата благочестивост, во манастирот имала само едно послушание: секое утро да ја украсува иконата на Мајката Божја со свежи цвеќиња. Бидејќи била замонашена како дете, останатото сестринство ја сметала како најдостојна за тоа возвишено послушание.

Сестрите ја сакале оваа монахиња поради нејзината скрушеност, простота и смиреност. Меѓутоа, како што тоа вообичаено и се случува, кога имало најмалку можности и кога најмалку се очекувало, непријателот почнал да напаѓа толку силно и тоа токму на оние добродетели, заради кои Мајката Божја најмногу ја сакала.

Еден чувар постојано во близина чистел околу црквата и често и се обраќал. Набрзо оваа монахиња се соблазнила на него. Колкав ли можел да биде тој удар на непријателот, кога таа и својата мантија ја соблекла заради тој човек и, тајно напуштајќи го манастирот, отишла со него во светот!

Не минало многу време, кога паднатата монахиња се пробудила од состојбата на духовно лудило. Страстите ги снемало како снегулка на дланка, а ѓаволот своето го постигнал. Кога тоа го увидела, веќе одамна било доцна.

За каење било потребно натчовечка сила. Назад не можело да се врати времето, па одлучила да го истрпи својот маж. Тој ја тепал и малтретирал и нејзиниот живот со тек на време се претворил во прав пекол на земјата. Немала веќе сила да живее, а не сакала смрт без покајание.

После неколку години, мажот се упокоил. Монахињата конечно можела уште еднаш да оди и да го види манастирот во кој ги поминала најблагословените денови од својот живот. Веќе го немала оној благочестив лик, туку само намачено, сериозно и непокриено лице, и тоа го искористила за незабележливо да влезе во манастирот. На влезот препознала една од своите сестри и и се обратила.

Сестрата, се разбира, не ја препознала. Таа сакала да види дали и колку сестрите ја осудуваат.

– Простете, дали знаете каде е монахињата… (го изговорила своето име) и што се случило со неа?

– Да, се разбира, – и одговори сестрата. – Ене ја онаму, во параклисот.

Монахињата застанала.

– Не сфаќате, прашувам за една што беше овде пред десет години и ја украсуваше иконата на Мајката Божја со рози.

Сестрата исто така чудно ја погледнала.

– Па, да, истата таа до ден денешен тоа и го прави. Нашата добра сестра… Ене ја, ја украсува иконата на Мајката Божја.

Монахињата, избезумена од одговорот кој најмалку го очекувала, збунето го пречекорила прагот на црквата. Внатре, во тишина и осаменост, навистина забележала монахиња која ја украсувала иконата со рози и пришла. Монахињата се завртела. Тоа беше Мајката Божја. Ја соблекла нејзината мантија и и ја дала:

– Еве, ќерко, облечи ја мантијата и не греши веќе.

Монахињата со смртен страв паднала на подот и заплакала. Од срам не можела главата да ја подигне, но Пресвета Богородица веќе беше заминала. Пред неа стоела само Нејзината икона украсена со рози. Мајката Божја, Семилостивата и Сесожалливата, сите овие години го вршела нејзиното послушание за да го прикрие нејзиниот грев и да не ги соблазни другите сестри.

Монахињата неутешно се каела со непресушни солзи и чувствувала неизмерен срам. Единствено што ја тешело, била неизмерната љубов на Мајката Божја. Се исповедала на духовникот на манастирот и го замолила тој сé да објави по нејзиното упокојување. Кратко после тоа, таа се упокоила.

Фото: Илустрација

Loading...