Кој ќе биде идниот Претседател на Македонија

Ѓорге Иванов ќе остане запаметен во поновата македонска историја како претседател со најдолг мандат, по оној на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров. Тој на изборите во 2009 година беше големо изненадување, бидејки во периодот пред изборите, кога се лицитираше со имиња, неговото не беше споменато во ниту една комбинација. Но, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, најголема доверба имаше токму во професорот на правниот факултет, Ѓорге Иванов.

Иванов, со поддршката од тогаш моќната ВМРО-ДПМНЕ, но и од огромна група интелектуалци кои исто така му дадоа поддршка, речиси се прошета на тогашните претседателски избори и во вториот круг, практично го прегази неговиот колега од правниот факултет и противкандидат, Љубомир Фрчкоски.

При номинацијата за вториот мандат на Иванов, се случуваше речиси истото сценарио, поддршка од интелектуалци, колеги професори и секако најмоќната партија, владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Противкандидат му беше Стево Пендаровски од редовите на опозициската СДСМ, кој исто како и Фрчкоски на претходните избори, не успеа да биде достоен кандидат, барем што се однесува до бројот на освоените гласови на изборите.

Претседателот Иванов е врвен интелектуалец, правичен и чесен човек, за кого не слушнавме никаква афера, ниту од финансиска, ниту од било каква друга природа. Можеби единствената црна дамка во неговата кариера е аболицијата која ја додели на обвинетите во случаите “Пуч” и “Поткуп”, а кои ги покрена СЈО, а потоа и повлекувањето на истата, под силен притисок на внатрешниот и меѓународниот фактор.

Иванов, можеби не се снаоѓаше во валканите политички игри, но сепак знаеше да покаже цврст став кога се работеше за македонските национални интереси. Ќе се памети и неговиот став, да не го дава мандатот за состав на влада на мандатар, кој нема да достави писмени гаранции за гарантирање на целовитоста и територијалниот интегритет на Рапублика Македонија.

На овие услови беше принуден сегашниот премиер на македонската влада, господинот Зоран Заев. Секако, СДСМ не пропушти да го обвини за двојни аршини, бидејќи тој ова истото не го стори, кога му доделуваше мандати за состав на влада на претходниот премиер, Никола Груевски.

До следните претседателски избори има уште неколку месеци, но веќе отсега, во јавноста почнаа да се вртат некои имиња, кои би можеле да бидат наследник на Ѓорге Иванов во претседателската фотелја.

При составот на новата влада, големо изненадување беше тоа што Радмила Шеќеринска, потпретседателот на СДСМ, го доби “само” министерството за одбрана! Но од друга страна, со оглед на тоа што претседателот на Република Македонија е и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, мислењето на јавноста, но и на политичките аналитичари, беше дека еве, ова е јасен сигнал дека Шеќеринска можеби ќе биде кандидат за иден претседател на Македонија, што би претставувало своевиден политички преседан во нашата држава, бидејќи, досега, Република Македонија на врвните политички функции (премиер, претседател, претседател на собрание), немала жена.

Второто име, кое се врти во кулоарите на политичките кујни е името на универзитетскиот професор и поранешен кандидат за претседател, Стево Пендаровски. Негова предност може да биде фактот што на минатите избори, тој како кандидат за претседател, успеа да освои повеќе гласови од партијата која го кандидираше, СДСМ.

Од друга страна пак, негов хендикеп при размислувањата за евентуална негова номинација, би можело да биде тоа што тој сепак ги загуби претходните избори и тоа прилично убедливо. Како што потенцираат нашите извори, Стево Пендаровски, исто така, знае да биде и “соло играч”, некој кому не може да му се наметне партиска или друг вид директива и поради тоа веројатно ќе отпадне од игра.

Третото име, кое изворите на Галама го откриваат како можен кандидат за претседател на Република Македонија е Никола Димитров, сегашниот министер за надворешни работи во владата на Република Македонија.

Никола Димитров направи навидум своевидно “салто мортале” во политичкиот живот на плуралистичка Македонија и од истурен играч на ВМРО-ДПМНЕ (поранешен советник на претседателот на РМ, Борис Трајковски, амбасадор на Република Македонија во САД, преговарач за името), стана министер во владата на СДСМ.

Своевиден куриозитет беше кога на времето Никола Димитров беше амбасадор во САД, а неговиот татко, Димитар Димитров, амбасадор во Русија. Мајката на Никола, Ратка Димитрова, беше пратеник во првиот состав на собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна неговите родители станаа жестоки критичари на политиките на претходниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Никола Димитров важи за умерен политичар, со добри конекции во Европа и САД и можеби најсериозен кандидат од редовите на власта, за претстојните претседателски избори, од имињата кои засега се вртат во јавноста. Доколку договорот од Преспа заврши успешно, шансите на Димитров, кој е потписник на истиот, веројатно многукратно ќе се зголемат.

Во последните неколку недели, сè почесто, како кандидат за Претседател се споменува и актуелниот Премиер, Зоран Заев. Дали Заев ќе се одлучи да ја напушти “жешката” премиерска фотеља, останува да видиме.

Секако, ВМРО-ДПМНЕ нема да седи со скрстени раце при претстојните претседателски избори кои во 2019 година ќе се одржуваат во Република Македонија. Со оглед на промената на претседателската позиција во оваа партија и релативно кусиот период на претседателствување на новиот лидер Христијан Мицкоски, но и поради фактот што во последниот период ВМРО-ДПМНЕ се соочува со внатрепартиски турбуленции, тешко е да се предвиди кој би можел да биде нивен кандидат.

Речиси извесно е дека никој од стариот прв ешалон на партијата, нема да биде кандидат, што поради промената на раководството на партијата, но и поради бомбите на СЈО претходно, во кои беа споменувани, речиси сите од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Како решение за кандидат за Претседателската функција се споменува Трајко Славевски, поранешен министер за финансии во владата на РМ и актуелен член на Извршниот комитет на партијата.

Во моментов како втор кандидат се споменува и Антонио Милошоски, поранешен Министер за надворешни работи. Милошоски на почетокот на мандадот на Мицкоски се дистанцираше од неговиот избор, но по последните внатрепартиски битки, тој му дава силна поддршка на Мицкоски. Милошоски. во сегашното високо раководство на ВМРО-ДПМНЕ, покрај Влатко Ѓорчев, важи за член со најдолг стаж во партијата, од самите нејзини почетоци.

Петар Попоски