Синот на Драган Вучиќ, Мартин, најверојатно ќе биде назначен за директор

Мартин Вучиќ, кој во 2008 година се повлече од поп-естрадата е еден од најсупешните наши музичари на ударни инструменти. На јавна сцена, тој може да се види на концертите на Македонската филхармонија каде што работи.

Пред седум години, тој одржа успешен концерт во Универзалната сала наречен „Песни за душа“, каде што изведе повеќе традиционални македонски песни. Дел од нив, тој му ги посвети на својот дедо од страна на мајка му, легендарниот музичар на народни инструменти, Пеце Атанасовски. Мартин никогаш не зборувал за својот приватен живот.

Во 2005 година, ја претставуваше Македонија на Евросонг со песната „Make My Day“ во Киев, Украина, и успеа да обезбеди влез во финалето. Додека беше активен на поп-сцената, тој добиваше многу фестивалски награди во Македонија и во регионот. Најпознат негов хит е „Рано е да се врзам“, а една од најдрагите и најубави песни на Мартин е баладата „Муза“, која за него ја напиша Тоше Проески.

Денес Мартин е Магистерот по музичка уметност и во моментов е перкусионист во Македонската филхармонија. Тој најверојатно ќе биде новиот директор на националниот Ансамбл за песни и игри „Танец“, јавува порталот 7дена.мк.

Потписот врз неговата кандидатура е веќе ставен и најверојатно во понеделник и официјално ќе му биде прв работен ден.

– Очигледно сите официјално знаат само јас не. Се додека тоа од Министерство за култура официјално не ми биде соопштено, за мене ќе биде вид на шпекулација. Да јас, како и многу други сум пријавен на конкурсот за нов директор, и сите веројатно го очекуваме официјалниот одговор од Министерство, вели Мартин.

Интересно е што двајцата дедовци на Мартин своевремени биле дел од овој Ансамбл. Пеце Атанасовски е еден од доајените на „Танец“, кој бил кореограф и играорец и Милорад Вучиќ, кој 15 години бил шеф на оркестарот на „Танец“.